Со цел да се заштити домашното производство, и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените, во насока на задржување на стандардот на граѓаните, Владата на денешната седница донесе две одлуки, едната за ограничување на извозот на одредени производи и другата за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед, информираат од Владата.
„За да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.
Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението.
На денешната 63-та владина седница, на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар“, се вели во соопштението на Владата.