Врвни светски готвачи креираат специјалитети за менијата на охридските ресторани и хотели

Од:

Врвни светски готвачи – шефови со Мишелин ѕвездички се дел од манифестацијата „Охрид гастро тур“ што викендов ќе се одржува во градот со цел подигнување на квалитетот, освежување на гастрономската понуда во охридските ресторани и угостителски објекти, индиректно и на севкупната туристичка понуда на Охрид како наша најпозната дестинација.

Настанот од една страна предвидува усовршување на локалните готвачи и шефови на кујни во презентација на локалната кујна преку одржување мастер-класови од страна на гостите, додека од друга страна да се зголеми свесноста кај консументите за тоа што значи врвна храна, различна од вообичаената понуда на менијата на угостителските објекти.

– Присуството на врвните шефови мора да биде мотивација на гастрономите што се обучуваат на Факултетот за угостителство и туризам во Охрид, како идни креатори на гастрономската понуда во регионот. Целта на мастер-класовите е во приготвувањето на специјалитетите што ќе ги разработуваат врвните готвачи да се користат локални продукти, но истовремено тие да се презентираат на модерен и атрактивен начин, истакна проф. д-р Ангела Василеска.

Во рамки на гастро-турата во кујната на ФТУ денеска ќе се одржат два мастер-класа од кои едниот за обука на триесеттина готвачи од угостителски објекти и хотели од градот, додека вториот насловен „хотел, концепција, успех“ е наменет за менаџерите на угостителските објектите како насока во изготвувањето на гастрономската понуда и менијата.

– Креирањето локални менија во рамки на предвидените мастер-класови е исклучително важно во насока на развивањето на концептот „локализам“, како одговор на влијанието на глобализацијата врз локалната кујна. Ние не можеме да избегаме од светските кулинарски трендови и токови, но можеме од локалните продукти да креираме и понудиме светски јадења, рече Василеска.

Шефовите Џорџо Диана, Раду Занеску и Џорџо Костиќ заедно со локални шефови и готвачи ќе приготвуваат специјалитети базирани врз традиционалната македонска, поточно охридска кујна, со специфични, атрактивни имиња што ќе бидат бренд во гастрономската понуда, како „јагнешко во боите на есента“, „охридска пастрмка во ликот на езерото“, „охридска тврдина“ изработена од препознатливиот варен ѓеврек, суши од пастрмка, десерти врз основа на црковна пченица и слично.

Џорџо Диана кој е со италијанско потекло, а својата кариера ја градел во повеќе ресторани со мишелин – ѕвезди истакна дека за приготвување добро јадење не треба којзнае што, најмногу посветеност и страст во пристапот.

– На локалните шефови и студентите по гастрономија ќе им презентираме како со локални продукти да се приготват модерни специјалитети, како да се користат специјални техники, да се изнајдат најдобри комбинации од она што е карактеристично за регионот, рече тој, притоа најавувајќи дека ќе се обиде да направи некаков спој на различните кујни како онаа од Сардинија, од каде потекнува, со македонската.

Шефот Занеску од Романија кој пред три години бил тука во Охрид за да ја проба локалната кујна, ја нагласи интенцијата на врвните готвачи да застанат во одбрана на посебностите каратеристични за традиционалните јадења.

– За нас е мошне важна борбата против глобализацијата во гастрономијата имајќи предвид дека специфичната храна каратеристична за одреден регион мошне високо котира во она што ја детерменира севкупната туристичка понуда, заедно со понудата во сместувањето и природните убавини, рече тој.

Диана, Занеску и Костиќ за охридското мени ќе креираат четири специјалитети и тоа маринирана пастрмка со пире од тиква, краставица, цвекло во сос од Тарагон шампанско за апетизер, потоа предјадење врз база на мроков, кромид, црн патиџан, аспарагус и печени праски, за главно јадење телешко месо во мус од карфиол, слатки домати, сливи и рузмарин, како и десерт мус од црно чоколадо со праска, шумско овошје и лаванда…

Дел на гастро-турата ќе биде и презентација на отворено со приготвување јадења од локални продукти со техники карактеристични за азиската кујна, потоа специјалитети од морски плодови, како и Гала-вечер на која ќе биде презентирано брендираното мени приготвено од гостите-шефови.

Попладнево во рамки на манифестацијата ќе се одржи презентација на коктелот „Охридско зајдисонце“ како локален бренд карактеристичен за охридското поднебје.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ