Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека Грција треба да ги продолжи реформите на пазарот на труд и да стане јасно дека исполнувањето на тоа барање е услов за одобрување на нови кредити за земјата, пишува американскиот весник „Волстрит џурнал“.
Во текстот, преземен од грчкиот весник „Имерисија“, се наведува дека проблемите, кои се поврзани со работните односи и пазарот на трудот, се клучни во преговорите што се водат меѓу Грција и меѓународните кредитори.
Грчката Влада се стреми да ги обнови колективните договори на работниците и да ја зајакне улогата на синдикатите при тие договори.
Министрите за финансии од еврозоната синоќа го разгледаа неуспехот во преговорите за Грција, но не најдоа начин да постигнат напредок во врска со последното, клучно прашање за пазарот на труд.
Судирот на идеологиите меѓу ММФ и партијата СИРИЗА ги става во опасност договорите, од кои имаат потреба Грција и Европа, со цел да се реши осум годишната должничка криза, пишува „Волстрит џурнал“.