Во Србија зголемена побарувачката на евра

Од:

Деновиве во менувачниците ширум Србија има зголемена побарувачка на евра, при што продажниот и куповниот курс на еврото е до три динари повисок од официјалниот среден курс. Од Народната банка на Србија (НБС) порачаа дека стабилноста на девизниот курс не била и нема да биде доведена во прашање, како и дека е зголемено снабдувањето на банките со странска готовина за да можат менувачниците брзо и ефикасно да одговорат на зголемената побарувачка од граѓаните, јави дописникот на МИА од Белград.

– Очекуваме во најбрз можен рок банките да ја префрлат ефективата во менувачниците, со што ќе се излезе во пресрет на побарувачката на граѓаните. Народната банка им наложи на банките во ниту еден момент да нема прекин во снабдувањето со готовина на менувачниците, соопшти НБС.

Од НБС потенцираа дека граѓаните не треба да се грижат, ниту да има паника – ниту за подигање депозити од банките каде што средствата се најсигурни и кои се добро капитализирани и добро ликвидни, ниту за купување девизи во менувачниците.

Тие посочија дека паниката никогаш не е корисна и дека е неразумна, бидејќи НБС обезбедува доволно средства и одговара на сите барања од банките, „што докажува дека сме подготвени да реагираме без одлагање и соодветно“.

– Ги повикуваме сите учесници на финансискиот пазар да покажат одговорно однесување во услови на зголемена глобална неизвесност со цел да се зачува монетарната и финансиската стабилност, а со тоа и воопшто на макроекономската стабилност – што е во корист на сите и не создава нереални трошоци за граѓаните, кои поведени од паника плаќаат нереална цена, истакнаа од централната банка на Србија.

Како што пишув Данас, „откако стигна веста од Врање дека еврото од вчера вреди 120 динари, вредноста на оваа валута порасна и во Белград – во менувачниците во главниот град утрово се движи од 118,3 до 120 динари“, за разлика од официјалниот курс кој изнесува 117,62 динари.

– Вчера воопшто немав евра, објаснува сопственикот на една белградска менувачница, кревајќи ги рацете, вчера се обидов да дојдам до евра, но големите менувачници очигледно чекаа да видат што ќе биде. Успеав да го земам за 119 и сега треба да пресметам провизија и не можам да дадам под 120 динари, пишува Данас.

Од весникот Блиц посетија неколку менувачници и се уверија во нешто поголема побарувачка, но и во тоа што некои менувачници не продаваат европска валута бидејќи, како што тврдат, ја немаат.

– Не знаеме што ќе правиме со оволку динари, граѓаните доаѓаат веќе неколку дена и бараат евра. Некои бараат 100, а некои неколку илјади евра. Вчера ни дојде еден крушевчанец и сакаше да купи многу повеќе од тоа. Ни кажа дека посетил повеќе од 10 менувачници и дека во ниту една не можеле да му одговорат на барањето, изјавија за Блиц во една менувачница во Белград.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Српски бизнисмен брутално претепан во Загреб, крвав лежеше пред хотелот

Катерина Ѓуровски

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата на Тонино Пицула за Србија

Дедо, син и внук, но и нивен пријател починаа во септичка јама во Србија

Горан Наумовски

Трагедија во Србија: Неколку лица починаа додека чистеле септичка јама

Горан Наумовски

Силно невреме проследено со дожд и град зафати голем дел од Србија

А1он

Мацут ја презеде функцијата премиер на Србија од Вучевиќ

Горан Наумовски