Во петок ќе се знае колку кандидати ќе има за претседател на ССМ

Од:

На претстојниот Вонреден конгрес на Сојузот на синдикати на Македонија на кој треба да се избере нов лидер, веројатно ќе има само еден кандидат, иако предлогот за кандидатите во петок треба да биде разгледан на седница на Советот на ССМ.

За синдикален лидер конкурираа в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски, претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски, но на седницата на Претседателството на ССМ беше утврдено дека само Димовски ги исполнува критериумите за кандидатура.

Претседателот на УПОЗ, Грујовски тврди дека ги исполнува условите за кандидатура, додека минатата недела на прес-конференција од страна на дел од синдикатите кои го поддржуваат Димовски, беше посочено дека Грујовски ја нема потребната поддршка од шест гранкови синдикати.

Грујовски не очекува дека на седницата на Советот ќе биде прифатена неговата кандидатура бидејќи се сомнева во малверзации и во тој случај веројатно е дека ќе го бојкотираат Конгресот, а доколку пак биде прифатена неговата кандидатура, тогаш, како што вели, во консултација со синдикатите кои го поддржуваат ќе бара одложување на Конгресот со цел да се смират страстите и да се подготви програма.

– Мојата борба е исклучиво синдикална. Не сакам да правам кариера, сакам да го спречам криминалот во ССМ. Разочаран сум од црната кампања што ја водат против мене, изјави Грујовски.

В.д. претседателот Димовски изјави дека е на службено патување надвор од државата и се повика на одлуката донесена на седницата на Претседателството на ССМ.

– Врз основа на предлозите, дискусијата и исполнувањето на условите согласно критериумите, Претседалеството на ССМ на седницата на 25.10.2017 година утврди дека само предлогот на кандидатот за претседател на ССМ, доставен од СУТКОЗ со кој за кандидат за претседател на ССМ се предлага Дарко Димовски, ги исполнува во целост потребните критериуми за утврдување на предлог за кандидат за претседател на синдикатите на Македонија, се вели во одлуката од Претседалеството на ССМ.

Синдикалните превирања траат веќе подолг период уште кога лидер на ССМ беше Живко Митревски. Поради тоа Интернационалната синдикална конфедерација преку писмо од 5 септември годинава укажува дека единствен начин да се надминат превирањата во ССМ е да се одржи вонреден конгрес на кој ќе учествуваат сите грански синдикати.

– Во случај да не го прифатите нашиот предлог, ќе бидеме приморани да го суспендираме ССМ од членството во ИТУЦ, се вели во писмото.

Би можело да ве интересира

Трговците се алчни, прво ги зголемија, па ги намалија цените за да им остане истиот профит обвинува ССМ

Се повеќе пари се трошат на храна, минималната кошница за октомври 1000 евра

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Горан Наумовски

ССМ очекува благо зголемување на минималната синдикална кошничка

Горан Наумовски

ССМ: Борбата за раст на платите не е политичка