Во хидроелектричната централа „Шпилје” до денеска се произведени 230 милиони киловат-часови електрична енергија.
– Досегашното остварено производство е над 96 отсто на годишниот план, кој изнесува 238 милиони киловат-часови. Како резултат на поволната хидрологија и подготвеноста на електраната да ја прими и преработи целата количина на вода, оптимисти сме дека до крајот на годинава планот ќе биде целосно реализиран, изјави портпаролот на ЕЛЕМ Мирече Котески.
Моментниот среден дотек во вода во акумулацијата „Дебарско Езеро” изнесува 50 кубни метри вода во секунда, односно 15 кубни метри се влеваат од Радика додека 35 кубни метри вода доаѓа од „Глобочица“. Во акумулацијата има резерва на вода за производство на околу 16 милиони киловат-часови.
Планот за минатата година беше остварен 95 отсто. Во 43-годишното постоење на електраната, рекордно производство на електрична енергија е забележано во 2011 година кога беа произведени околу 560 милиони киловат-часови поради мошне поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје.