Очекуван е обидот на СДСМ да креира слика на загриженост за јавниот долг по последните проекции на ММФ и Светска банка дека македонската економија е најдобра во регионот и меѓу најдобрите во Европа со највисоки стапки на раст за 2014 и 2015 година, благодарение токму на економските политики на владата на ВМРО ДПМНЕ, стои во реакцијата од оваа партија на прес-конференцијата на Ванчо Узунов и Драган Тевдовски.
Светска банка оваа доверба ја изрази и со 157 милиони евра за изградба на нови патишта во Македонија.
– Пораката е: продолжете со она што го правите, со изградбата на патишта, опремување на тирзовите, со капитални инвестиции, со инвестиции кои креираат работни места и влијаат на растот на економијата, се подвлекува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.
Македонија е ниско задолжена земја и е една од најниско задолжените земји во регионот и Европа, стои во реакцијата и се посочува дека затоа зачудува инсистирањето на СДСМ да го наметне спротивното, бидејќи не постои основа.
Според ВМРО – ДПМНЕ зачудуваат и мерките кои ги предлагаат, особено бидеjќи еден дел од нив веќе се спроведуваат, а другиот дел од нив се поврзани со работата на Собранието кое ти го бојкотираат.
На месечна основа на веб страната на Министерството за финансии се објавуваат сите приходи и расходи во буџетот и истите се достапни за сите граѓани, се потсетува и се додава оти на веб страницата на Министерството исто така редовно се ажурира и долгот на централната влада и јавниот долг расчленет на сите компоненти. На страната на Бирото за јавни набавки се објавуваат сите јавни набавки. Значи и тие податоци се веќе достапни.
По барање на СДСМ пред избори се објавува преглед и состојба на буџетот, а секој ден во текот на изборниот процес се објавуваат расходите на буџетот по категории. Ама и со тоа, СДСМ повторнo претрпе тежок пораз на последните избори.
– СДСМ зборува за поголеми ингеренции за Комисијата за финансирање и буџет, но пратениците на СДСМ ја избегнуваат работата на Комисијата. Бараат формирање на Фискален совет во Собранието. Но кој вели дека СДСМ ако се формира тој Совет нема повторно да го бојкотираат. Има многу земји во кои има фискален совет, но долгот им достигнува 80 проценти од БДП и повеќе, значи не е до фискалниот совет, туку до посветеноста на владата кон здрави политики, се вели во реакцијата.
Како и да е, реагира ВМРО – ДПМНЕ, одговорноста на политичарите и политичките партии е пред се кон граѓаните и државата.
– Создавањето на погрешна слика во јавноста, креирањето на сценарио за презадолженост, иако нема основа за тоа, е лошо и за граѓаните и државата. Тоа е лоша слика и кон странство и може негативно да влијае на потенцијалните инвеститори кои сакаат да вложат во земјава. Затоа СДСМ треба да ги преиспита своите постапки кои можат да и наштетат на нашата земја за нивни ситни политички поени, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.