Македонското село, кое се гради во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“ на Водно, ќе биде завршено во јануари следната година. Конкурсот за избор на концесионер кој ќе стопанисува со овој комплекс ќе биде објавен во средината на наредниот месец. Во насока на изнаоѓање најквалитетен концесионер денеска Владата заедно со стопанските комори и туристичките комори организираа јавна расправа чии заклучоци ќе бидат дел од конкурсот.
Македонското село содржи 12 куќи кои ја претставуваат автентичноста на секој од регионите во земјава. Има куќа од беровскиот, тетовскиот, струшкот, гостиварскиот, прилепскиот, битолскиот и други краишта на земјава.
Се простира на 12.000 метри квадратни. Вкупната инвестиција е 296 милиони денари, обезбедени од Владата на Република Македонија. Од нив 216 милиони се за градежни зафати, а 80 милиони се за ентериерно уредување. Поделено е во два дела – селско стопански двор и сместувачки капацитет. Покрај куќите, ќе содржи и музеј, амфитеатар, сувенирница, воденица, трла.
– Со изградбата на овој туристички производ и атракција во Скопје ќе се комплетира туристичката понуда, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната јавна расправа.
Според него тоа ќе придонесе да се зголеми бројот на туристи, кој во последниот период бележи пораст.
Мила Крстевска од Стопанката комора за туризам смета дека овој проект е добар почеток за една туристичка тура на Скопје, како и за туристи кои не можат да ги посетат другите делови на Македонија.
Вакви примери постојат и во други земји. Крстевска посочи дека ваков проект во Стокхолм годишно прави 26 милиони евра.
Ферхат Барбери, претседател на Туристичката комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија, смета дека ова е проект кој и недостига на Македонија, а во кој ќе се промовираат културно-историските вредности и туристичката понуда на земјата.
Смета дека дебатата ќе придонесе да се најде најквалитетниот концесионер кој ќе стопанисува со Македонското село кое е на седум километри од центарот на Скопје.