Македонија годинава очекува недостиг на околу 110.000 тони пченица поради што веројатно ќе реализира увоз. За стабилизирање на пазарот, Владата ќе преземе и сет мерки, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на средбата со мелничарите.
Мерките, како што најави, ќе бидат разгледани на една од наредните владини седници, а ќе се земат предвид и сите барања на мелничко-пекарската индустрија.
– Барањата, сугестиите и предлозите на мелничарите ќе бидат разгледани и во најскоро време ќе се донесат соодветни решенија кои ќе дадат најголем ефект и ќе им бидат од помош на двете страни, и на преработувачите и на производителите, истакна Николовски на средбата, додавајќи дека приносите годинава се помали поради временските непогоди и затоа Владата планира преземање соодветни мерки со претходна соодветната анализа на пазарот.
Домашно производство годинава се очекува да биде 190.000 тони или 37 отсто помалку од лани, а потребите на државно ниво се 300.000 тони.
Според МЗШВ, засеани се 76.400 хектари пченица. До 19 јули се ожненани 60 отсто од површините или 46.974 хектари со просечен принос од 2.300 килограми. Просечните приноси се движат од минимални 500 килограми во Кавадарци, 900 во Штип, 1.100 во Неготино и 1.300 килограми во Свети Николе. Највисоки просечни приноси има во Битола, 4.000 килограми на хектар, во Тетово 3.500 и во Скопје, 2.200 килограми.
Жетвата на јачменот е 90 отсто реализирана или на 46.289 хектари со просечен принос од 1.944 килограми по единица површина. Просечните приноси се движат од минимални 600 килограми на хектар во Штип и Кавадарци, 1.000 килограми во Делчево и Неготино, 1.200 во Свети Николе и 1.500 килограми во Куманово. Највисоки просечни приноси има во Битола и Гевгелија, 3.000 килограми, како и во Крушево, 3.500 килограми на хектар.
Во изминатиот период министерот Николовски оствари неколку работни средби со земјоделците и со мелничарите, со цел да се слушнат мислењата и предлозите на двете страни, за да се преземат соодветни мерки.
– Како Влада отворивме интензивен дијалог со двете страни. Министерството за земјоделство е отворено да ги слушне предлозите, сугестиите, размислувањата на сите чинители во секторот. Само така, со постојани, конзистентни, искрени разговори, ќе дојдеме до квалитетни решенија, е ставот на Николовски.