Владата го утврди Предлог-буџетот за 2014 година и подготви ребаланс на буџетската каса за оваа година кои денеска ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески објасни дека станува збор за мини ребаланс со кој се опфатени две позиции, односно се додаваат средства на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување во износ од 1,34 милијарди денари заради повисоките расходи во однос на индексацијата.
Дополнителни средства се префрлаат и во Министерството за образование и наука во износ од 430 милини денари потребни за опремување на лабораториите.
Појасни дека други позначајни промени нема и дека другите позиции остануваат во рамки на проектираното.
За буџетот за наредната година посочи дека ќе изнесува 176,5 милијарди денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори.
Буџетот за следната година е за седум проценти повисок од годинашниот.
Предвидени се средства за пораст на платите за администрацијата, за пензиите, социјалните надоместоци, субвенциите во земјоделството. За 20 проценти ќе бидат зголемени капиталните инвестиции кои ќе се насочат во патна и железничка инфраструктура, образование, здравство, енергетска и комунална инфраструктура, ТИРЗ.
Ставрески истакна дека е значајно што Владата и во вакви околности одвојува за 20 проценти повеќе средства за капитални инвестиции кои, пак, ќе овозможат раст на економијата.
Проекцијата за растот на БДП за следната година е 3,2 проценти, а инфлацијата 3,3 проценти.
Се очекува постепено да се зголемува растот на БДП кој сепак ќе зависи од околностите во Европа. Според фискалната стратегија, која исто така е усвоена, се предвидува во 2015 растот на БДП да биде 3,8, а во 2016 – 4,5 проценти.
Државниот долг во наредниот период ќе остане на умерено ниво и до 2016 нема да надмине 37,6 проценти од БДП што, според вицепремиерот Зоран Ставрески, повторно Македонија ќе ја направи една од петте најмалку задолжени држави во Европа.