Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на 16-тата годишна конференција на Форумот за корпоративни регистри во организација на Централниот Регистар. На овој настан, се обратија и директорката на Централен Регистар на Република Северна Македонија Марија Бошковска Јанковски, претседателката на Форумот за корпоративни регистри, Розан Бел и секретарот на Корпоративниот регистерски форум Мајкл Броснахан, кои ја истакнаа важноста на оваа конференција.
„Дозволете ми најпрво да упатам честитки за организирањето на 16-тата годишна Конференција на Форумот за бизнис регистри.
Посебни честитки до директорката на Централниот Регистар – Марија Бошковска – Јанковски, како домаќин на овој светски форум и на сите кои беа вклучени во работниот тим.
Иницијативите за регионално и меѓународно поврзување кои ги презема Северна Македонија и институцијата домаќин на Форумот – Централен Регистар, имаат заедничка цел: Развој на Република Северна Македонија на глобално ниво, промовирање како земја со поволна деловна клима како за странските така и за домашните инвеститори, генерално отворање на македонскиот пазар и развој на капитални инвестиции.
Како стожер во креирањето на деловната клима во земјата и промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор, Централниот Регистар прерасна во електронски сервис на деловната заедница и граѓаните во Северна Македонија.
Токму затоа преставува значаен инпут во формулирање на барањата преточени во реформските инцијативи и политики на Владата кои се насочени кон зголемување на растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции“, рече Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.