Како најголема опозициска партија ние секако ја поздравуваме најавата дека власта конечно има намера да се сврти кон економијата во 2019 година, но во никој случај немаме гаранции дека она што се најавува дека 2019 година ќе биде година на економијата, а најмалку година на економски бум, ќе се оствари, изјави на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славевски.
„Што ни дава за право да го констатираме ова? Прво, ако се направи една мала споредба со перформансите на некои изминати влади во изминатиот период дека владата предводена од СДСМ и ДУИ ја искористи шансата и покажа колку знае и умее на полето на економијата, односно може со сигурност да се каже дека ја прокоцка шансата. Имено, резултатите на економски план граѓаните ги чувствуваат и од морето на бројки коишто беа денеска изнесени ќе оставиме сами да проценат дали подобро живееја или живеат во 2018 година и какви се нивните очекувања врз основа на досега реализираното за 2019 година“, изјави Славевски.
Едно од прашањата на кои што ние и претходно имаме укажано, вели тој, а на кое навистина треба да му се обрне внимание е она за социјалната помош, која, како што посочија од Владата, од 1 јануари 2019 година е зголемена за 3 пати. Знаете ова убаво звучи, но укажуваме на негативните ефекти и последици на пазарот на труд од една ваква мерка ако се реализира на начин на којшто е зацртана.
„Внимавајте, изедначување на социјалната помош со минималната плата значи декуражирање или обесхрабрување на работоспособните лица да се вклучат во пазарот на работна сила затоа што, на пример, станува збор за семејства каде што квалификациите се такви што тие на пазарот на труд не би можеле да достигнат до просечната плата или би биле некаде под просечната плата. Па кој е сега интересот ако државата ви плаќа за седење дома 12 000 денари вие да работите за минимална плата од 1 .000 денари или за дополнителни 2 000 денари што би ги добиле или 3 илјади денари за малку повисока плата над минималната? Во услови на стеснување на пазарот на труд во Република Македонија, поради демографските трендови поради иселувањето итн. се губи, односно се пасифизира еден работоспособен дел од работната сила во Република Македонија, што секако на економски план ќе има многу негативни последици“, изјави Славевски.