(ВИДЕО) Миновски: Мицкоски во АД ЕЛЕМ склучувал договори во четири очи, компанијата прави ревизија на договорите

Од:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поранешен директор на АД ЕЛЕМ во четири очи со склучил два договори со непосредна спогодба со компаниите Пелистер и Марковски, двата во вредност од 10,5 милиони евра. Со Пелистер, веднаш по неговото назначување на функцијата, на 3 ноември 2016г, за сума од 5,7 милиони евра, а три месеци подоцна и со Марковски – за 4,8 милиони евра, обвини директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.

-Споредбено по гигаџул, Пелистер во моментов копа по 87,8 денари за гигаџул, додека во време на Мицкоски Пелистер копал по 96 денари по гигаџул. А Марковски – по 90денари по гигаџул, рече Миновски додавајќи дека ова е одговорот на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ за цената по која се врши ископот во РЕК Битола.

Миновски информираше дека овие два договори, но и многу други кои биле склучени додека Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ, се предмет на внатрешна и надворешна ревизија во компанијата. Резултатите од ревизијата, Миновски најави дека ќе бидат готови за кратко време по што ќе ги изнесе во јавноста.

Во однос на прозивката за условите во тендерот по редовна постапка кој е во тек, за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, Миновски кажа дека по откажувањето на Трансмет од ископот, во февруари годинава, со што сериозно било загрозено производството на електрична енергија и електроенергетскиот систем на државата, се покажало како неопходно во иднина да се заострат условите во тендерите, со цел да се оневозможи повторно работата во РЕК Битола да ја добие фирма која, како што кажа, е само фиктивно способна и има технички ,кадровски и организационен капацитет да врши ископ, а во суштина на терен да не може да го оствари тоа.

-Од овие причини во тендерот за редовната постапка беше поставен услов фирмите кои сакаат да конкурираат, во последните три години да имаат ископано најмалку 900 илјади тони јаглен, рече Миновски.
На оваа одлука на ЕЛЕМ, еден оператор се пожалил до Државната комисија за жалби по јавни набавки по што комисијата ја одбила жалбата како неоснована. Но и покрај тоа, од страна на АД ЕЛЕМ била проширена можноста – да може да се пријават и фирми кои имаат ископано покрај јаглен, или 1 милион м3 јаловина( земја или карпест материјал) или руда.

-Иако комисијата не ни наложи да ставаме дополнителни услови, иако беше проценето дека тендерот овозможува конкурентност, АД ЕЛЕМ самоиницијативно одлучи да додаде уште еден услов со цел да обезбеди уште поголема конкурентност, но конкурентност само на сериозни фирми. Значи, условите се и натаму доволно ригорозни за да спречат да се пријави или уште повеќе да победи некоја фирма од калибарот на Трансмет , кои само можат да направат штета на комбинатот и на целиот производствен процес, рече Миновски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски исто така обвини дека АД ЕЛЕМ има производство во првиот квартал на оваа година. На оваа прозивка, директорот Миновски изјави дека производството е намалено во првите месеци на 2018г од причина што потребите на тарифните потрошувачи во тој период биле намалени.

-Произведувавме толку колку што имаше потреба за тарифните потрошувачи, а електричната енергија која ја заштедивме со домаќинско, одговорно и професионално работење, во наредната недела ќе ја понудиме на продажба на слободниот пазар со што ќе оствариме профит за компанијата и за државата. Ова ќе биде прва продажба на електрична енергија од АД ЕЛЕМ по 2016г. Значи, две години ЕЛЕМ не продавал електрична енергија, вели Миновски.

Директорот на ЕЛЕМ истакна дека кога ја презел функцијата во август 2017г забележал дека претходното раководство ги оставило акумулациите на историски најниско можно ниво, преисцрпени од непланското искористување. Но сепак поради силните врнежи и топењето на снегог забележано е обилно полнење на акумулациите, и на природните и на вештачките езера во Р. Македонија.
-Ние со максимални напори го одржувавме балансот и на Охридското езеро и по течението на Дрим и во нашите акумулации, се со цел да не се нанесе штета на околните населени места, и во тоа, во такви екстремни услови какви што и самите знаете дека беа – сепак успеавме. Хидроелектраните максимално работеа и тој вишок електрична енергија сега ќе биде продаден, истакна Миновски.

Актуелнот директор на денешната пресконференција покрај другото ги искоментира и проектите кои Мицкоски ги оставил за себе за кои вели дека не се онолку развојни колку што сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги фалел. Конкретно се работи за најавените но не извршените проекти Рајски парк, пешачко – велосипедска патека на езерото Козјак, ски центарот на Водно, катната гаража и конгресниот центар во Охрид, ски патеките и вештачките снегови.

-За разлика од неговите развојни проекти кои Владата ги запре, ние како нов менаџмент почнавме постапка за изградба на нови ветерни електрани, нови фотоволтаични електрани, електростатски филтри во РЕК Битола и страндардизирано отпепелување, модернизација на ТЕЦ Осломеј, и други проекти за кои допрва ќе ја известиме јавноста. Сами направете компарација што е развоен проект, а што не е развоен проект и е залудно трошење државни пари, рече Миновски додавајќи дека покрај недомаќинското раководење на Мицкоски со ЕЛЕМ, тој оставил и еден расипан генератор во хидроелектраната Козјак, еден генератор во хидроелектраната Врбен, ненаправени ремонти во РЕК Битола , поплавени рудници во РЕК Битола, депонија со само 100 илјади тони јаглен пред почетокот на зимата, ТЕЦ Осломеј надвор од функција и уште ред други ненаправени зафати кои се неопходни за нормално функционирање на компанијата и 12 проценти помалку расположливи производни капацитети.

Во делот на финансиите, директорот Миновски рече дека Мицкоски оставил 17,8 милиони евра депозити во банките на име на АД ЕЛЕМ и 7,3 милиони евра расположливи средства, но и не исплатен К 15 за 2017г како и 5-процентниот додаток на плата за работниците кои одат во смени, за 2016 и за 2017.

-За разлика од него, ни го исплативме К-15 за 2017 кој Мицкоски не го исплати, и исплатен е и 5-процентниот додаток кој Мицкоски исто така не го исплати за целиот период наназад, исплатени се сите ремонтни активности и поправки, и во овој момент на сметката на АД ЕЛЕМ има 25 милиони евра депозити, и уште 20 милиони евра расположливи средства, или вкупно 45 милиони евра, значи два пати повеќе од тоа што остави Мицкоски, вели Миновски.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Мицкоски: Денот на албанската азбука, симбол на образованието и напредокот на албанскиот народ

Мицкоски: Јас ја водам Владата исклучиво од интересите на мојата татковина

СДСМ: Синдикалната кошничка порасна за 772 денари – граѓаните плаќаат за неспособноста на владата

Мицкоски: Се доближуваат ставовите во однос на каматата за унгарскиот заем со банкарската асоцијација

СДСМ: Со буџетот Владата ќе троши на чоколадо, а за граѓаните сув леб

Горан Наумовски

Мицкоски: Условите што утре ќе ги договориме со банките не зависат само од мене