Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во своето обраќање ги образложи новите одлуки од денешната владина седница, со кои им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.
„Ветивме дека храна, струја и греење оваа зима мора да има за сите. Владиниот економски тим посветено работи на изнаоѓање на решенија во врска со овие прашања. На денешната седница на Влада донесени се неколку важни одлуки со кои обезбедуваме непречено снабдување со електрична енергија и ублажување од растот на цените на струјата на светските берзи, со што овозможуваме и во услови на криза стабилно и непречено функционирање на виталните институции“, рече Ковачевски.
„Одлуките кои што се донесени на денешната седница на Влада се следни:
Ќе обезбедиме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи.
Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.
Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.
Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат за најмалку 10%.
Во оваа тешка криза им помагаме и на основните и на средните јавни училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со евтина струја основните и средните јавни училишта при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час.
Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ, обезбедуваме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици, со што ќе обезбедиме непречено функционирање, односно непречено стабилно снабдување со вода на граѓаните како и одведувањето на отпадните води. Цената за оваа намена ќе биде 95 евра по мегават/ час електрична енергија.
Со цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување. Оваа одлука е донесена поради тоа што сознанијата велат дека општините основале јавни претпријатија или дејности јавно осветлување или ја доделиле на постоечките јавни претпријатија.
Овие одлуки, како и сите останати ги носиме инклузивно со сите засегнати страни, оваа Влада, работите ги решава со дијалог. Во оваа енергетско економска криза, секој денар е важен за граѓаните и затоа вложуваме максимални напори да го зачуваме и да го унапредиме животниот стандард“, изјави премиерот Ковачевски.