Американската стопанска комора во Македонија – АмЧам, бизнис заедница на 130 од најголемите компании во земјава, собраа 1,5 милиони денари со што ќе се поддржат три социјално корисни проекти.
Проектите таргетираа неколку целни групи: лица со попреченост кои ќе добијат обука и можност да работат во угостителскиот сектор, социјално загрозени лица од Преспа што ќе научат како да одгледуваат органски производи и да се вклучат во социјално претприемништво, како и деца и млади кои ќе имаат можност да ја запознаат и засакаат природата преку извиднички активности.
-Како дел од напорите да ја промовира корпоративната општествена одговорност и да им олесни на компаниите да инвестираат во заедниците во кои живеат и работат, АмЧам објави повик за социјално корисни идеи на кој се пријавија 39 граѓански организации. Волонтери од Комитетот за општествена одговорност на АмЧам, а воедно вработени во компаниите-членки, спроведоа темелна анализа на предложените проекти и проверка на организациите и ги избраа трите најдобри и најефикасни општествено корисни иницијативи. Проектите беа претставени пред компаниите кои имаа можност да одлучат и да се изјаснат кои проекти ќе ги поддржат, информираат од АмЧам.
На организираната Социјална берза обезбедени се 1.500.000 денари, како и производи и услуги потребни за реализација на овие општествено корисни, а придонесе и кон подигање на свеста за општествената одговорност на компаниите и придонесе кон формирање на партнерства помеѓу приватниот и граѓанскиот сектор.