Mинистерот за финансии Драган Тевдовски и тим од Министерството денеска одржаа состанок со економската делегација на „Источниот комитет на Источно – европската асоцијација на германската економија“ предводена од генералниот директор, Мајкл Хармс. На состанокот беше оценето дека за засилување на присуството на германските компании во Македонија е потребно постоење на квалификуван кадар.
-Токму со цел да се излезе во пресрет на потребите на пазарот на трудот, во Македонија почна да се спроведува дуалното образование. Германската Влада со двајца експерти ќе го поддржи развојот на професионалното образование во земјава. Дополнително во Буџетот за 2019 година се предвидени највисоки средства за активните мерки за вработување. Преку оваа програма на краток рок ќе се реши проблемот со поврзувањето на понудата и побарувачката за кадар на пазарот на трудот. Во Буџетот за следната година, поддршката за приватниот сектор бележи раст од 37 отсто, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Министерот Тевдовски на состанокот посочил дека македонската Влада се фокусира на создавање на услови во кои економскиот раст е генериран од приватниот сектор.
– Среќни сме што токму тој го движи растот од 3.1% во второто тромесечје на 2019 година. Во минатото растот бил главно креиран од државна интервенција главно во непродуктивни проекти. Успешниот приватен сектор, НАТО интеграциите и продуктивните инвестиции на државата ќе ни овозможат исполнување на целосниот капацитет на нашата економија, рекол министерот за финансии заблагодарувајќи се за поддршката која Германија и ја дава на Македонија во овие процеси.
На средбата биле дискутирани клучните процеси во државата важни за инвеститорите, како евроатланските интеграции на земјата, даночната реформа, воведувањето на европски стандарди во работењето и фискалната транспарентност.
Разговарано било како за идните можности, така и за моменталната економска соработка помеѓу Македонија и Германија.
Во 2017 година во Германија извезени се стоки во вредност од 2 351,0 милион евра, што претставува највисок остварен извоз од 2008 година наваму и раст од 15,1 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари – септември 2018 година, пак извозот во Германија изнесува 1.951,6 милиони евра. Ова е раст од 13,5 отсто во однос на истиот период минатата година. Во 2017 година од Германија увезени се стоки во вредност од 803,7 милиони евра, што претставува раст од 6,6 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари – септември 2018 година увозот од Германија изнесува 643,6 милиони евра, што претставува раст од 11,6 отсто во однос на истиот период минатата година. Германија е најзначаен трговски партнер на Република Македонија. Во структурата на вкупната надворешно – трговска размена на нашата земја. Размената со Германија во првите девет месеци од 2018 година изнесува 26,6 отсто и се карактеризира со трговски суфицит.