Ребалансот на Буџетот ќе обезбеди поддршка за 51 процент од пријавените, а неплатени обврски на општините. Три милијарди денари се проектирани за училиштата, градинките, културните домови и другите институции што се во надлежност на локалните самоуправи, соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Како што истакна Тевдовски на прес-конференција во Владата на која учествуваат и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, како и градоначалниците на општините Битола, Тетово и Гевгелија, Наташа Петровска, Теута Арифи и Сашо Поцков, освен што со ребалансот на Буџетот ќе им се помогне на општините да ја подобрат финансиската состојба, ќе се овозможи и воспоставување механизам за проблемот со задолжувањето веќе да не се повторува, ќе се вбризга ликивдност кај фирмите и ќе се направи простор за нови проекти.
Општините, напомена Тевдовски, ќе може да ги проектираат сопствените приходи на основниот буџет со најмногу 10 отсто раст од просечната реализација во последните три години.
-Долговите од 5,1 милијарда денари за една година се намалени на 1,5 милијарди и сега институциите може нормално да функционираат. Главна причина за неплатените обврски досега беше нереалното проектирање на буџетите на општините. Се креирале огромни буџети и се преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Сега воведуваме механизам со кој ова ќе се спречи. Ќе ставиме ред за проблемот да се реши, но и за да се превенира во иднина, напомена министерот.
Ребалансот на Буџетот помина на владина седница и утре влегува на комисиска расправа во Собранието.
Министерот Фазлиу истакна дека Владата со обезбедувањето на 3 милијарди денари за покривање на наследените долгови на општините, создава услови општините да бидат пофункционални, да одговорат на потребите на граѓаните и да обезбедат развој.
– Владата со овој чекор за санирање на општинските долгови не тргна со намера да наградува, туку да создаде амбиент, сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да можат да ги добијат услугите кои што општината е должна да им ги обезбеди. Граѓаните не смеат да бидат оштетени, рече Фазлиу. Апелираше надлежните институции да продолжат со неселективното санкционирање секаде каде што ќе се докаже злоупотреба на функцијата.
Фазлиу рече дека ова е стимул за локалните власти и додаде оти праксата на неконтролирано трошење на парите на граѓаните мора да заврши. Според законите, рече, потребно е зголемена транспарентност и отчетност во работењето, односно, општините ќе мора јавно, на своите веб-страници да ги објавуваат податоците за трошењето на парите, како и податоците за тоа на кои доверители им се исплатени средства.
– Ќе биде неопходно локалните власти да ја интензивираат комуникацијата со јавноста преку редовно информирање како ги трошат парите на граѓаните, рече Фазлиу.
Градоначалничката Арифи рече дека општина Тетово го поздравува овој чекор на Владата за исплата и помирување на 51 отсто од долговите на општините.
– Тоа за нас е од големо значење и подразбира наше поуспешно функционирање, остварување на плановите, подобрување на животниот стандард на граѓаните, а со тоа и покапацитетни општини во отворање на процесот на преговори со ЕУ, рече Арифи.
Градоначалничката Петровска информира дека затекнала училишта со вкупно долгови од 4,5 милиони евра, со исклучување струја, блокирани сметки на училиштата кои не можат да функционираат нормално. Во вакви околности, како што рече, неопходна е помошта од централната власт која одлучи да даде финансиска поддршка за санирање на состојбите со кои општината ќе може да подмири дел од долговите.
– Битола е македонски бисер, конзулски град и затоа е потребно заедно да го задржиме тој статус, рече Петровска.
Градоначалникот Поцков рече дека затекнал долг од над 143 милиони денари и додаде дека општината по основ на кредитни задолжување на подолг рок има долг од уште два миллиони евра. Во измината една година со, како што рече домаќинско и транспретно работење, успеале да вратат околу 25 милиони денари или 17 отсто од долгот кон стопанството.