Со ребалансот на Буџетот патните трошоци на Владата и институциите се намалени за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците, образложувајќи го прекројувањето на државната каса.
Ова, потенцира Тевдовски, е една од главните цели на ребалансот – намалување на непродуктивните трошоци кои се во рацете на власта и обезбедување простор за мерки што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.
– Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари или во релативен износ 2,9 отсто од БДП. Вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денари, без здравствените услуги преку Фондот за здравство, истакна министерот.
Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
Дополнителни 1,2 милијарди денари се додаваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. За зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.
Обезбедени се и средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се зголеми на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавачите во износ од околу 70 отсто од потребниот пораст на бруто платата.
– Ребалансот се темели на најконзервативна проекција на раст на реалниот БДП од 2,2 отсто во 2017 година наспроти предвидувањата на сите релевантни домашни и меѓународни институции, Народната банка од 2,5, Светската банка од 2,8 или Европската комисија од 2,9 проценти. Со ова ја покажуваме нашата намера да ја прекинеме праксата на преоптимистични макроекономски проекции како основа за повисоки планирани приходи и расходи. Нашата цел е реална и остварлива макроекономска проекција, која ќе биде најдобра основа за проекција на приходите и расходите, подвлече министерот.
Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен, според него, со расходите на Владата. – Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиони денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации. Сметаме дека ова е најдобар доказ за цврстата определба на новата влада за домаќинско работење со народните пари, истакна Тевдовски.
За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор, дополнително се алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милини денари. За споредба нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари, напомена министерот.
Ребалансот предвидува и поддршка на малите и средните претпријатија и поддршка на домашни гринфилд инвестиции од околу 135 милиони денари за до крајот на годинава, поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари, решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници, укинување на радиодифузната такса, поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на предпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.
Дополни дека се задржува оценката за просечна стапка на инфлација од еден отсто, односно дефлатор на БДП од 1,4 проценти.
Првите ограничувања, како што потенцира Тевдовски, ќе бидат во делот на неподмирените долгови кои заклучно со 31 мај 2017 година изнесуваат 22,4 милијарди денари или 364 милиони евра, додека вторите се во делот на веќе склучените договори за тековни или идни проекти за чие евентуално раскинување, рече, државата ќе треба да плаќа пенали.
– Обврските на буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи, финансирани преку блок дотации изнесуваат шест милијарди денари. Долговите се најголеми во културата, дури 2,4 милијарди денари, а се должат пред се на неплатените обврски за концертната сала на Филхармонијата која беше помпезно отворена, Драмскиот театар, објектот „Мајка Тереза“ и театарот во Велес, посочи Тевдовски.
Сериозно високи се, додаде, и обврските на локалните образовни установи, министерствата за здравство, внатрешни работи и образование.
– Правиме реално согледување на остварените расходи и врз основа на тоа, нивно прилагодување во втората половина на годината, водејќи се од веројатноста за нивно остварување, посочи Тевдовски.
Повторувајќи ги предвидените нови мерки – минимална плата, решение за стечајците, поддршка на малите и средните претпријатија и на земјоделците, укинување на радиодифузната такса,…, министерот рече дека тие се дел од владината програма што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки, пак, што граѓаните и фирмите ги очекуваат, се дел од подлабоки системски промени, а ќе бидат вклучени почнувајќи со Буџетот за 2018 година на кој веќе се работи.
Во врска со отплатата на долгот, рече дека изнесува 18,3 милијарди денари во 2017 година.
Во рамки на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување, но, дали и кога тоа ќе се реализира ќе зависи, рече министерот, од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање.
Тевдовски се осврна и на владината определба за редовно сервисирање на обврските и на раздолжувањето кон стопанството за што потврда е, нагласи, повратот на ДДВ. Но, целта на Владата, потенцира, не е само привремено да се справи со овој проблем, туку да постигне оддржливо справување со проблемот на кумулирање обврски на јавните институции.
Во текот на расправата, по обраќањето на Тевдовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ценија дека ребалансот е неразвоен и непродуктивен, лош за граѓаните, фирмите, странските инвеститори, пензионерите, младите,… и ќе го забави растот на економијата.
– Со ваквиот ребаланс, економијата во најмала рака ќе стагнира. Нема да има зголемување на пензиите и социјалните надоместоци, а тоа мора да го знаат корисниците. Ќе има пари за вработување партиски кадри, 300 милиони денари се за оваа намена, за плати на твитерџии, комичари, шарени револуционери,…, е ставот на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ во ваквиот ребаланс гледа и ново задолжување од 148 милиони евра, 100 милиони надвор и 48 дома, максимален раст на БДП од 1,5 процент и дефицитот не како сега 2,9 отсто, туку 3,5 проценти.
Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот може да трае најмногу пет дена.