Минатата година имаме рекордна сума искористени ИПА средства, односно европските фондови кои ни се на располагање – неколкукратно повеќе во споредба со претходните години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски кој се обрати денеска на пуштањето во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Табановце како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.
– Во 2017 за проекти од ИПА фодовите се искористени 83,2 милиони евра. Тоа е два и пол пати повеќе од 2016 година кога се исплатени 32 милиони евра. Повеќе е и во споредба со 2015 година, кога се исплатени 51 милион и 2014 со 31 милион искористени ИПА средства,- истакна министерот за финансии.
Тој посочи дека Владата ќе настојува и во иднина искористеноста на европските фондови за проекти да биде уште поголема. Во август 2017 година Владата направила план за подобрување на користењето на ИПА. Тој предвидува поголема политичка посветеност, одредување на приоритетни проекти, подобра екипираност и следење на правилата и препораките на ЕУ.
Како што истакна министерот за финансии на настанот посветен на визибилност на поддршката на Европската унија за транспортните проекти во земјава, приоритет на Владата е подобрување на транспортната мрежа и изградба на инфраструктурата.
-Европската унија се заснова на практикување четири основни слободи – слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе. Транспортниот сектор тука има многу важна улога. За да се практикуваат овие слободи, потребна е развиена и модерна инфраструктура. Развојот на транспортната инфраструктура е еден приоритетите на оваа Влада, рече Тевдовски.
Модернизираниот и проширен граничен премин Табановце е проект поддржан од ИПА средства и предвидува изградба на две нови ленти за товарни возила, надградба и модернизација на објектите. Ова ќе придонесе кон подобрување на капацитетот на граничниот премин кој сервисира 25 проценти од вкупниот број премини на товарни возила во земјава.