Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска ќе има обраќање на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Настанот ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. На панелот на кој ќе се обрати Тевдовски ќе говори и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија.
Министерот Тевдовски ќе зборува на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“. Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за остварување на тие цели.
На панелот на кој ќе говори Тевдовски, предвидено е свое обраќање да имаат и претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, како и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.
Обраќањето може да го следите на следниов линк. http://live.worldbank.org/implenting-SDGs-changing-world.
Дел од делегацијата на редовните Годишни средби на ММФ и СБ е и гувернерката на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групацијата на Светската банка (СБ).