Светска банка: Умерен економски раст за Македонија – 2,9% годинава, 3% во 2027 и 2028

Од:

Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,9 проценти за годинава, износ што е за 0,1 проценти понизок од претходната проекција, како и од 3 проценти во 2027 и 2028 година.

Во денеска објавениот извештај на Групацијата Светска банка оценува дека економскиот раст на Западен Балкан се очекува да продолжи да забавувава во 2026 и 2027 година, како последица од конфликтот на Блискиот Исток, постојаната инфлација и зголемената неизвесност. Укажува дека за да се одржи моментумот на реформи во регионот кој се соочува со растечки недостиг на работна сила, зголемувањето на активноста на работната сила ќе биде од суштинско значење.

Редовниот економски извештај за Западен Балкан предвидува дека регионалниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија ќе достигне 2,8 проценти во просек во 2026 година, што е за 0,3 процентни поени под претходните проекции. Се очекува растот умерено да се зголеми на 3,2 проценти во 2027 година.

– Глобалната неизвесност и геополитичките тензии го попречуваат растот во Западен Балкан, а растечките цени директно ги погодуваат паричниците на луѓето – вели Шиаочинг Ју, директорка при Светска банка за земјите од Западен Балкан.

Додека носителите на политиките користат краткорочни фискални мерки за да го ублажат влијанието на овие притисоци врз домаќинствата и фирмите, истакнува таа, нашиот извештај покажува дека клучот за долгорочен економски напредок се работните места.

– Регионот на Западен Балкан има голем број неискористен потенцијал – жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки на пазарот на труд. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне економијата – вели Ју.

Според извештајот, населението на Западен Балкан старее побрзо од речиси секое друго место во Европа. Во текот на следната деценија, најмалку едно од пет лица во регионот се очекува да биде над 65 години. Во меѓувреме, луѓето во работоспособна возраст, вклучувајќи ги и дипломираните студенти и физичките работници, бараат подобри плати и перспективи во странство. Парадоксот е што недостига работна сила во клучните сектори, дури и кога многу луѓе остануваат без работа или едноставно се откажале од барањето на работа.

Извештајот укажува на недоволно искористен човечки капитал: жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со пречки за влез на пазарот на трудот. Доколку стапките на учество на работната сила во регионот се совпаднат со оние во споредливи земји од Европската Унија, тоа би значело повеќе од 2,8 милиони дополнителни работници достапни за намалување на недостигот на работна сила. Само вработувањето на повеќе жени би можело да додаде околу 0,35 процентни поени на годишниот раст.

Извештајот повикува на тоа работата да стане попривлечна опција – почнувајќи со правилата за даноци и бенефиции кои, во многу случаи, сè уште го прават останувањето дома финансиски побезбеден избор. На пример, во повеќето земји од Западен Балкан, пријавувањето на каков било приход од работа веднаш ги дисквалификува поединците од бенефиции насочени кон сиромаштијата, правејќи го вработувањето финансиски ризик, а не награда. Исто така, ја истакнува потребата од прифатлива грижа за деца и стари лица, подобра обука за работа и работни места кои нудат вистинска флексибилност и пристојни услови, вклучително и за работниците на онлајн платформи.

Би можело да ве интересира

Народна банка: Во 2025 година економскиот раст 3,5 отсто, просечната стапка на инфлација 3,9 проценти

Директорот на Фондот на ПИОСМ се сретна со шефот на Мисијата на Светска банка

3 проценти раст на БДП годинава и во следните две години, предвидува Светска Банка за Македонија

СДСМ: Македонија на дното во регионот по економски раст и според Светска банка

СДСМ: И според Светска банка, Македонија ќе биде на дното во регионот по економски раст

Митева: Половина милион евра се потрошени залудно поради неспособноста на МОН