Ставрески: Македонија ќе има штета од 84 милиони евра поради однесувањето на СДСМ

Од:

Неодговорното однесување на опозициската СДСМ со блокадата во Собранието на буџетот за следната година и на задолжувањето кај Светска банка ќе ја чини Република Македонија 84 милиони евра. Владата и ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат начин како да се реализираат  обврските и предвидените плаќања и кон пензионерите, корисниците на социјалната помош, земјоделците, реализацијата на инфраструктурните проекти…

Тоа го изјави денеска во Собранието вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, оценувајќи дека однесувањето на СДСМ е  и политички неодговорно и скандалозно во однос на праксата во другите европски земји.

Според Ставрески, кредитите што треба да ги земе РМ се речиси идентични со обврските што треба да ги плати догодина, поради што се неиздржани аргументите на СДСМ оти со тие задолжувања ќе се зголеми долгот на државата или пак  тие пари ќе се трошат за други намени.  На 8 јануари следната година, појасни,  доспева за отплата еврообврзница во износ од 175 милиони евра, а вкупно следната година  РМ по стари обврски кон странство, кредити  земени и во времето на СДСМ и во времето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе отплати вкупно 257 милиони евра.

–  Значи, за отплата имаме 257 милиони евра, од кои  175 милиони евра уште на почетокот на јануари. Од друга страна се позајмиците што  се договорени со Светска банка, кредитот од 50 милиони  долари што го земаме сега за  буџетска поддршка и новиот  кредит којшто ќе  биде со гаранција од СБ во износ од 220 милиони  евра до 250 милиони евра. Значи, ако се соберат  овие кредити ќе се види дека тие се речиси идентични со обврските што РМ треба да ги плати догодина, што значи паѓа во вода  лажниот аргумент на СДСМ оти овие кредити ќе го зголемат долгот на Македонија или дека се земаат  за друга намена. Напротив, со тие средства  де факто во идентичен износ ќе се исплаќаат обврски  од претходниот период што  ќе овозможи ликвидност на буџетот и на плаќањата на земјата кон странство, рече Ставрески.

Аргументирајќи го тврдењето дека Македонија ќе има штета од 84 милиони евра од блокадата на буџетот и на заемот од Светска банка, наведе дека ако следната година РМ излезе на пазарот на капитал со еврообврзиници за кои нема потреба од одобрение  од Собранието, наместо да ги земе двата поволни кредити од СБ, каматната стапка што ќе ја плати државата ќе биде повеќе од два пати повисока во однос на  она што е договорено со Светска банка.

– За седум години, колку што изнесува отплатата на таа обврзница или на кредитите од СБ во вториот случај, односно на гаранцијата, Република Македонија без потреба ќе плати 84 милиони евра  повеќе отколку што би платила кога би ги зела парите од Светска банка, рече вицепремиерот.

Тој  упати прашања до СДСМ и до нејзиниот лидер Бранко Црвенковски дали државата има вишок пари  односно 84 милиони евра  за да го плати неодговорното однесување на СДСМ и заради заштита, како што рече, безуспешна во секој случај, на политичката кариера на Црвенковски. Дали треба идните  генерации да отплаќаат 84 милиони евра повеќе само поради тоа што СДСМ се однесува политички неодговорно и и прави  штета на Република Македонија, праша Ставрески.

Воедно, додаде, цената ќе ја платат и сите други граѓани и сите кои треба да добијат пари од Буџетот на еден или друг начин. – Значи, цената ќе ја плати стопанството бидејќи ќе се доведе во прашање ликвидноста и реализацијата на обврските,  цената ќе ја платат пензионерите, затоа што ќе се загрози зголемувањето на пензиите кое го планира  Владата, социјалците, затоа што ќе се загрози зголемувањето на социјалната помош, земјоделците, затоа што ќе се загрози  зголемувањето на субвенциите, цената ќе ја платиме сите ние затоа што ќе се закочи реализацијата на крупни инфраструктурни проекти, посочи Ставрески истакнувајќи дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ секако нема да дозволат да се случи тоа и оти ќе најдат начин како да се реализираат обврските и предвидените плаќања.

Зависно од однесувањето на опозицијата, посочи Ставрески, Владата ќе заземе соодветен став  како да продолжи понатаму.

Според Ставрески, однесувањето на СДСМ е скандалозно, штетно и неодговорно и со него првенствено се посрамотува себеси како политичка партија, како и Република Македонија, ги нарушува односите  со Светска банка и ги загрозува интересите на сите македонски граѓани.

Никогаш претходно во Македонија, укажа, ниту еднаш опозицијата не го кочела донесувањето  на буџетот и задолжувањата од сличен тип и не го довела во  прашање носењето на буџетот за следната година. Никогаш претходно за буџетот не биле поднесени 1.226 амандамани, а за кредит од Светска банка 160 амандмани.

– Ова не само што го нема во  Македонија во претходните 20 години, туку го нема и во ниту една европска земја. Го нема дури ни во Грција, ниту во Италија и во други држави кои имаат државен долг поголем од 100 проценти за разлика од Република Македонија која има 30 проценти државен долг од БДП, рече Ставрески.

Република Македонија, нагласи, досега има добиено 14 идентични заеми  од Светска банка за буџетска поддршка. Значи, овој заем од 50 милиони долари, а и следниот  од 250 милиони евра ниту се први ниту се нешто необично во практиката на финансирање на буџетот на Македонија. При гласањето за 14 идентични заеми во изминатиот период во Македонија никогаш немало  повеќе од еден амандман, а сега СДСМ и останатата опозиција поднесуваат 160 амандмани. Уште повеќе во седум случаи од 14  СДСМ биле на власт, делумно во периодот  од 1994 – 1998 година и од 2003 до 2006 година, односно седум такви заеми предлагала СДСМ, а сега го спори донесувањето на заемот.

Би можело да ве интересира

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Лефков: Во Буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

(ВИДЕО) Лефков: Владата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува 3 милијарди денари повеќе во Буџетот за образование