Нови 600 вработувања ќе отвори Дрекселмаер во Кавадарци, најави денеска раководството на средбата со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во компанијата.
– Со раководството имавме разговори и за следниот период. Планираат да има уште 500 до 600 нови вработувања. Тоа е добро бидејќи значи дека за овој регион тука и пошироко, вклучувајки го и Прилеп, ќе има нови вработувања и ќе овозможат сите кои бараат работа од Кавадарци, Неготино, Прилеп, па и од Велес, да најдат работа. На тој начин ќе помогнеме да се подобри нивниот животен стандард, изјави Ставрески.
Тој посочи дека Дрекселмаер е синоним на успехот на Владата на Република Македонија во привлекување инвестиции. Компанијата е најголемиот работодавач во Македонија со 4.040 вработени досега.
– Имам можност да видам многу млади луѓе кои што нашле работа тука, кои со оваа поддршка што Владата ја даде за инвеститорот успеаја да најдат работно место и да ја обезбедат сопствената иднина. Тоа е показател за успешноста на владините политики за привлекување странски инвестиции, истакна Ставрески.
Најави дека ќе се продолжи со владините политики за привлекување странски инвестиции и дека најмалку уште 30 компании како Дрекселмаер ќе влезат во земјава. Со тоа, како што рече Ставрески, ќе се отворат 10.000 нови работни места само во слободните и индустриските зони, што ќе резултира со подобрување на животниот стандард на граѓаните.