Од денеска официјално граѓаните ќе може електронски да користат картички за плаќање на патарините, но не се укинува можноста и за плаќање во готовина, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Тој потенцира дека иако во претходниот договор на Владата било предвидено целосно укинување на плаќањето со пари, со анкес на договорот прецизирале дека тоа нема да се случи и дека ќе остане избор на возачите дали ќе користат плаќање со картичка која може да се купи во контролниот пункт во Петровец и наплатните станици. Цената на картичките е 100 денари, а минимумот кој треба да го има на картичката е 300 денари. Граѓаните ќе можат да ги надопополнуваат онлајн, а ќе има и попуст од два до седум отсто во зависност од сумата која што ја надополнуваат.
„Во овој момент дистрибуирани се картички на сите наплатни станици по Коридор 10, овој контролен центар и на шалтерот во Јавното претпријатие за државни патишта.
По овој период, следува дистрибуција по институции кои што нашето претпријатие ќе склучи договор за дистрибуција на картички и тагови. Најдоброто нешто во однос на картичките и таговите што откога еднаш ќе се купат, само се надополнуваат на наплатните места или на веб-апликација, изјави Китанов.
На отворањето на контролниот центар за патарини и патишта преку кој се врши мониторинг на наплатните станици и сообраќајот на автопатите, присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и премиерот Зоран Заев кои на возачите им поделија картички за електронска наплата.
„Ова ќе придонесе и до зголемување на протокот на возилата и зголемување на комфорот на граѓаните. Дополнително, корисниците на електронските картички ќе имаат попуст при секое надополнување. Од овој центар преку видео-надзор се следат сите патарини и патиштата низ државата, рече Заев.