Зголемување на платите пресметано врз основа на зголемувањето на цените на производите, услугите и БДП, уредување на договорите за работа во компаниите во ТИРЗ, како и бенефициран стаж за одредени професии се дел од барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија содржани во Предлог протоколокот за социјален напредок што е усвоен на последната седница на Претседателството на ССМ.
Претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната прес-конференција истакна дека анализите на ССМ покажуваат дека има голем простор за зголемување на платите на работниците, но оти реалната можност за зголемување, како што рече, ќе ја утврдуваат со социјалните партнери.
Појасни дека Предлог-протоколот за социјален напредок во РМ особено ќе се фокусира на прашањето на натамошен раст на минималната плата со цел изработка на заедничка стратегија за зголемување на платите, зајакнување на растот, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната исклученост.
Потенцира дека нивната идеја не е да разговараат само за минималната плата, туку да разговараат воопшто за платите во Македонија, бидејќи како што рече, имаат идентификувано голема нееднаквост за иста работа, што генерира социјална исклучивост и оти од тие причини сакаат ова прашање да го вметнат во една стратегија.
Според ССМ, како што рече Митревски, минималната плата, која сега изнесува 10.080 денари, е ниска и треба да има зголемување, но оти тоа е прашање на можности помеѓу социјалните партнери.
– Нашата анализа покажува дека има голем простор и можности за зголемување на минимналната плата. Според нашата проценка минималната плата треба да биде зголемена ако се има предвид дека синдикалната потрошувачка кошница, која ја пресметуваме покажува дека над 41 отсто се давачки за храна тоа е доволно алармантно дека треба да почнеме процес на преговори заедно со социјалните партнери со вклучување и на државата за да отвориме можности за утврдување на една друга динамика и дополнителни критериуми кои ќе го следат растот на цените и кои ќе овозможуваат утврдување на минимална плата која ќе биде рационална и издржлива за оние што ја плаќаат, а за нас максимално поголема за да се овозможи дополнително подобрување на стандардот, истакна Митревски.
нашата идеја не е да разговараме само за минималнат аплата, туку воопшто да разговараме за платите во Македонија. Имаме идентификувано голема нееднаквост за иста работа, што генерира социјална исклучивост и од тие причини сакаме ова прашање да го вметнеме во една стратегија.
Митревски потенцира дека ќе бара и решавање на проблемот со договорите што работниците ги потпишуваат во фабриките во зоните а кои се на определено време. Посочи дека ќе бараат 30 проценти од договорите да бидат на неопределено време, како и намалаување на периодот за вработување на определено од 5 на три, односно две години.
Меѓу барањата ќе биде и она за бенефициран стаж особено во градежништвото, сообраќајот, железницата и шумарството, како и други професии каде ќе има потреба.
Тој истакна дека Предлог-протоколот за социјален напредок во РМ предвидува и заеднички активности за зајакнување на кападцитетите и едукативните концепти, како и овозможување на користење на дополнителни ослободувања при користењето на одредени надомести поврзани со работата како и надоместоци и трошоци за остварување едукативни концептри на синдикатите.
Предлог протоколот Сојузот на синдикатите на Македонија ќе го достави до новата влада и Економско социјалниот совет.