Вредноста на Синдикалната минимална кошница со вклучена инфлација (трошоци за живот) за месец јули изнесува 47.042,00 денари и истата не можат да ја покријат ниту семејствата каде што има двајца вработени од кои имаат примања во висина на просечна плата и една минимална плата, покажуваат пресметките на ССМ.
„Истовремено имајќи во предвид дека инфлацијата од 16% ја обезвреднува вредноста на платите и од тука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.120 денари, а износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин.
Аларматно е тоа што погрешните владините мерки и политики за само 5 месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, повторно ја вратија вредноста на истата на нивото пред март 2022 година односно со една минимална плата работниците да можат да си дозволат само леб и вода ( исхрана и пијалоци) согласно Синдикалната минимална кошница кои како трошок за месец јули 2022 година изнесувал 17.842,91 денари или Владата во месец март под притисок на ССМ направи 1 чекор напред кон подобрување на стандардот на најзагрозената категорија на работници, а во јули по сопствено убедување и неприфаќање на предлозите на ССМ, направи 5 чекори назад кон загрозување на егзистенцијата на работниците со најниски примања“, велат од ССМ.
„Доколку Владата ги прифатеше барањата на работниците и ССМ за усогласување на платите согласно порастот на минималната плата за 2806 денари уште во мај, денеска ќе беше амортизирана инфлацијата која ги обезвреднува платите, но за жал поради лошите политики на Министерството за финансии и министерот Бесими, а против кои се работниците, а веќе против се и работодавачите и експертската јавност, тој ги остава на работ на егзистенцијата работниците, бизнисите и граѓаните на Македонија.
На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18,4% до септември согласно Законот, а во спротивно како што ги казнува владата работниците, така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавачите“, се додава во соопштението на ССМ.