Вкупниот извоз од Србија за Русија во првиот кваратал од оваа година опаднал за 30 отсто, изјави денеска во Белград српскиот министер за економија Жељко Сертиќ, пренесе агенцијата Фена.
Намалувањето на извозот во Русија го предизвика, пред се, „сериозниот пад на рубљата во минатата година“, што за своја последица имаше и намалување на побарувачката на рускиот пазар, оцени Сертиќ во текот на јавната расправа за нацрт законот за вложувања.
Сертиќ истакна дека, и покрај вкупниот пад на извозот, извозот на земјоделско-прехрамбени производи пораснал за околу 20 отсто во споредба со првиот квартал од минатата година.
-Работиме на тоа до крајот на годината да го поправиме овој биланс на состојба, додаде тој.
Сертиќ најави дека постои можност во следните три до четири години постепено да почне да се намалува данокот и придонесите на платите и пенизите.
-Даноците и придонесите на плати и пензии кај нас се на нивото од регионот, но се трудиме да бидат и пониски, рече тој во Стопанската комора на Србија одговарајќи на прашањето зошто, доколку во буџетот има простор за зголемување на платите и пензиите, тое не се искористи за намалување на даночната основа.
Српската Влада во ноември минатата година ги намали платите и пензиите во јавниот сектор како една од мерките за штедење и финансиска консолидација, што беше и барање од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).