На денешната седница на Советот на Народната банка беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за третиот квартал од 2021 година.
– Банките и во третиот квартал од 2021 година работеа во услови на пандемија. Покрај неизвесностите поради пандемијата, во овој период беа нагласени и ризиците поврзани со нарушувањето на синџирите на снабдување и променливоста на пазарите на примарни производи. Во услови на задржана макроекономска стабилност, продолжи растот на депозитите и на кредитите во третиот квартал од годината. Овој квартал беше означен и со завршувањето на процесот на присоединувањето на една банка кон друга, што доведе до намалување на бројот на банките и окрупнување на банкарскиот систем, соопштија од Народна банка.
Оттаму посочуваат дека солвентноста на банкарскиот систем се задржа на стабилно ниво, а стапката на адекватност на капиталот е непроменета во однос на крајот на јуни годинава и изнесува 17, отсто. Резултатите од спроведеното стрес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на симулираните шокови упатуваат на задоволителна отпорност.
Од Народна банка истакнуваат дека во третиот квартал, показателите за ликвидноста и натаму се на солидно ниво. Потенцираат дека на крајот на септември, стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесуваше 277,7 отсто, што е речиси трипати повеќе од регулаторниот минимум (100 отсто) и го потврдува солидниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.
– И покрај продолжената пандемија, квалитетот на кредитното портфолио на банките не бележи поголеми промени. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити, во третото тримесечје од годината, е на нивото од 3,6 отсто, или со минимално зголемување на квартално ниво од 0,1 п.п. Од секторски аспект, растот на нефункционалните кредити беше сконцентриран кај кредитите на домаќинствата, што предизвика мало влошување на стапката на нефункционални кредити за ова портфолио до 2,2 отсто, додека нефункционалните корпоративни кредити се намалија и се на историски најниското ниво (5,1 отсто), посочуваат од Народна банка.
Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност и понатамошна поддршка на економијата.
– Ризиците во врска со динамиката на раст на економската активност и активностите на банкарскиот систем во наредниот период во голема мера се поврзани со натамошните случувања во врска со здравствената криза, но и со нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство, како и со актуелната енергетска криза. Народната банка и натаму будно ќе ги следи состојбите и соодветно ќе презема мерки секогаш кога е потребно, велат од Народна банка.
На седницата на Советот беа донесени и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестициите и Годишниот план за јавните набавки за 2022 година. Советот разгледал и други прашања од својата надлежност.