„Блек аутот“ во Шпанија и Португалија и претходно во дел од земјите на Балканот – Црна Гора, Хрватска, Косово и Албанија е аларм дека владите мора да ги стават во фокусот инвестициите во енергетскиот сектор.
За да се обезбеди стабилна и сигурна испорака со електрична енергија во време кога се зголемува производството од обновливи извори, неопходни се инвестиции во базна енергија, батерии за складирање на електрична енергија, а пред се во електропреносниот и дистрибутивен систем – се сложија учесниците на Балканската енергетска школа што се одржа во Скопје во организација на РКЕ.
Енергетичари, регулатори и оператори на електропреносните системи од регионот и Европа дискутираа за научените лекции и мерките кои треба да се преземат како превенција за да не се случи целосен „блек аут“.
Дигитализацијата во енергетиката е неопходна, но мора да оди паралелно со мерки и протоколи во делот на сајбер безбедност порача Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„И во време на вештачка интелигенција, инвестициите во стручен и обучен кадар е инвестиција во стожерот на електроенергетскиот сектор. Плановите за развој, зајакнување на мрежата и управување со системот произлегува токму од нив, односно од сите нас. Пред неколку години, за прв пат како регулатори донесовме одлука при определување на тарифата за пренос на електрична енергија на операторот на електропреносниот систем, во која се предвиде дека ќе бидат признаени трошоците само на ново вработени инженери кои ќе управуваат со системот и ќе работат на имплементирање на европските стандарди во оваа област“ изјави Бислимоски, претседател на РКЕ.
Балканското училиште за енергетика (БЕС) е основано пред три години од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија (РКЕ), заедно со регулаторните тела од Италија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Главна цел на БЕС е да овозможи едукација за најновите текови во енергетиката за претставниците на регулаторните тела, операторите на преносните системи, операторите на пазарите на енергија, како и други чинители во енергетскиот сектор.