Собранието ја заврши општата расправа за иницијативата на АМАН

Од:

Републичкото Собранието на денешното продолжение на 54. седница  ја заврши општата расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, во прво читање, поднесен преку граѓанската иницијатива АМАН, со 13.169 избирачи.

Со законот се бара да се врати евтината дневна тарифа на електрична енергија и да не им се наплаќа надомест за топлинска енергија на корисниците во Скопје кои се исклучиле од системот.

Зорица Димовска, овластен предлагач на законот, во образложение пред пратениците  побара да се прифатат барањата во интерес на егзистенцијата на граѓаните, којашто се загрозувала со постојанo зголемување на цената на електричната енергија и на парното греење.

– Ние активистите од АМАН сме обединети во борбата против скапотијата. Нашиот животен стандард не соодветствува со сумите на сметките за струја, рече Димовска.

Таа побара да се почитуваат потписите на 13.169 граѓани и да се свика јавна расправа со експерти за да им се помогне на потрошувачите на струја. Праша дали ако не се врати повторно дневната евтина тарифа во иднина ќе нема поскапување на струјата.

Сузана Салиу од ДУИ оцени дека барањето на АМАН е оправдано, разумно и реално и е во согласност со економските околности.

– Не се работи за никакво луксузно и ексклузивно право, туку за право што го имале претходно. Сметам дека се уште има простор и оптимизам да можеме да најдеме заеднички  јазик да дебатираме, наведе Салиу,  посочувајќи дека за законот ќе гласа воздржано.

Според пратеничката од Социјалистичката партија Владанка Авировиќ, прифаќањето на барањето на АМАН за враќање на евтината дневна тарифа ќе значи покачување на цената на струјата. Поради тоа, посочи, пратениците се во ситуација да се решат за рационални или емотивни одлуки.

Барањето на АМАН е оправдано и за пратеникот од НДП Изет Зеќири. Реплицирајќи и на Авировиќ, тој изнесе тврдење дека  зголемувањето на цената на струјата е резултат на зголемените оперативни трошоци на енергетските компании ЕЛЕМ и МЕПСO за 346 проценти, кои не биле во функција на подбрување на енергетскиот систем.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Васко Пашевски истакна дека Собранието нема никакви ингеренции за  барањата на АМАН и оти надлежна била  Регулаторната комисија за енергетика,  како независно тело.

– Собранието ниту може ниту смее да донесе законско решение со кое ќе врши упад во работењето на ова регулаторно тело, наведе Пашевски, поддржувајќи го и ставот на Авировиќ дека прифаќањето на иницијативата автоматски ќе значи зголемување на електричната енергија за околу пет проценти.

Претходно, на седницата на матичната собраниска Комисија за економски прашања, заменик-министерот за економија Христијан Делев рече дека правно предлогот од АМАН не може да биде вклучен во Законот бидејќи цената на електричната енергија и на парното греење и се што е поврзано со тоа се регулира во подзаконски акти односно во тарифникот кој е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

– Македонија како земја е потписничка на Договорот за енергетска заедница и не може да преземе еднострани чекори бидејќи во него е одреден начинот на наплата на електричната енергија на заедничкиот европски пазар кон кој се стреми и Македонија. Повторното враќање на ефтината дневна тарифа ќе значи дополнително оптоварување на нашите електрани или пак дополнителен увоз на скапа електрична енергија што во краен случај ќе придонесе на зголемување на цената на електричната енергија, наведе Делев.

Би можело да ве интересира

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски

ДУИ: Владата на нетранспарентен начин ја зголемила цената на струјата за компаниите