Со халал сертификат може да се освојат нови пазари

Од:

Македонските компании со воведување на Халал сертификатот за своите производи и услуги би добиле можност да конкурираат на пазар, кој континуирано расте и кој во моментов брои околу 1,8 милијарди корисници.

Ова беше истакнато на прес конференцијата што во понеделникот се одржа во Стопанската комора на Македонија (СКМ) на тема: Стандардот Халал – можност за зголемување на извозот на Халал-пaзарите.

Халал е арапски поим со значење „дозволено“, а во економски контекст, поимот означува храна или услуги кои се дозволиви според исламските закони.

Како што појасни Емилија Тодоровска од СКМ, Халал стандардот не само што ги исполнува исламските закони, туку тој во себе ги содржи и сите светски стандарди, како што се Хасап, Исо и многу други светски познати стандарди.

„Халал сертификатот не е само верски документ, туку е потврда за интернационална сила, која гарантира дека производот кој го содржи Халал знакот е подложен на најстроги контроли, кои го покриваат сите актуелни светски стандарди во поглед на здравствено-санитарните услови и квалитет“, рече Тодоровска.

Таа не можеше да прецизира колку би ја чинело една компанија воведувањето на Халал сертификатот, но истакна дека тоа зависи од повеќе критериуми, како што е големината на компанијата, бројот на производи и слично, додавајќи дека постапката трае од 3-6 месеци.

Од СКМ сметаат дека воведувањето на Халал сертификатот не е само од корист за освојување на пазарите со доминантно муслиманско населени, туку и за Европа, САД и Австралија, каде што во постојан подем е растот на побарувачката на производи со Халал ознаката.

Тодоровска информираше дека во Македонија засега овој стандард го имаат воведено само осум компании, но интересот постојано растел и неколку други компании веќе покренале постапка за добивање на Халал сертификат.

На прес конференцијата присуствуваше и претставникот на Исламската верска заедница, Дритон Дикена, кој се пожали дека во големите супер маркети во Македонија е мал бројот на производи со Халал ознаката.

„Халал стандардот не само што е верски стандард, туку тој во исто време е здрав начин на живеење, современ стил на облекување, современ начин на лечење и убавина“, рече Дикена, додавајќи дека секојдневно милиони муслимани ширум светот живеат со овој стандард.

Со овој сертификат, најмногу може да профитираат компаниите од прехранбената индустрија, но и од козметиката, фармацевтската индустрија, производството на амбалажа и туризмот.

Засега во Македонија ниту една компанија од областа на туризмот нема воведено Халал сертификат, а од СКМ сметаат дека токму во оваа дејност би можело да се има голема корист, со оглед на богатото културно наследство во државата, особено на старите џамии.

Токму Словенија го зголемила бројот на туристи, особено од Малезија, откако одреден број на хотелски објекти се стекнале со ваков сертификат.

Во регионот, најмногу компании со Халал сертификат има во Хрватска, при што и многу познати компании, како Краш и Подравка го вовеле овој сертификат, по што следат Босна и Херцеговина и Словенија. /

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава