Со 46,5 милиони долари од Светска банка ќе се реализираат проекти за енергетска ефикасност и за унапредување на образованието

Од:

Со 46,5 милиони евра обезбедени од Светска банка ќе бидат реализирани два проекта значајни за економскиот развој на земјата. Станува збор за проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор и за унапредување на основното образование кои се дел од четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка, вреден 420 милиони долари.

Договорите за двата проекта се неодамна потпишани. Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор е во вредност од 25 милиони евра, а проектот за унапредување на основното образование е вреден 21,5 милиони евра.

Рокот на отплата на овој заем е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, вакви проекти кои имаат силна развојна компонента се од големо значење, особено во услови кога се соочуваме со ефектите на Ковид-19 кризата врз економијата.

– И едниот и другиот проект се во насока на постигнување на СМАРТ-раст или „Попаметен раст“, преку вложување во подобрување на ефикасноста и инвестиции во креирање на додадена вредност преку унапредување на човечките ресурси, истакна Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Најави дека во собраниска процедура се уште два проекта од Рамката за партнерство со Светска банка. Едниот за модернизација на земјоделството во вредност од 46 милиони евра и дополнителни 37 милиони евра за локални патишта. По усвојување на законите од страна на Собранието, ќе бидат потпишат и овие договори со што ќе се започне нивната имплементација.

Во рамки на првиот проект ќе се одвојат средства за енергетска ефикасност на јавни објекти како што се општински згради, згради на централна власт и јавно осветлување, како и за техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и за почетен капитал за Фондот.

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека само со ефективни политики и мерки за енергетска ефикасност, земјава може да ги зголеми заштедите во потрошувачката и на примарната и на финалната енергија. Основањето на риволвинг фонд за енергетска ефикасност, според него, е клучен предизвик во остварувањето на политиките на енергетската стратегија, а на долг рок, инвестициите во енергетската ефикасност придонесуваат кон економска и финансиска одржливост.

-Секој заштеден киловат час електрична енергија придонесува кон намалување на количините на изгорен јаглен во термоелектраните во нашата држава. Затоа инвестирањето во енергетска ефикасност во јавните згради носи одржливост кон почиста животна средина и создава можности за развој на енергетските услуги преку овој проект кој се очекува да отвори над стотина зелени работни места, потенцира Бектеши и додаде дека Министерството за економија со еден милион евра добиена техничка помош преку европските фондови презема активности за идентификување на целокупниот фонд на јавни згради во државата и нивните енергетски карактеристики.

Во делот на здравството планирано е енергетски ефикасни да станат здравствениот дом во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен и Свети Николе, како и поликлиниката „Идадија“ и Институтот за физикална медицина во Скопје. Ќе се реконструираат и Универзитетската клиника за психијатрија, Здравствениот дом во Штип, како и повеќе здравствени установи во руралните средини.

Селекцијата, како што посочи министерот за здравство Венко Филипче, е направена врз основа на состојбата во која се наоѓаат овие јавни здравствени установи.

– Целта беше да имаме еден диспензиран систем во кој што повеќе граѓани ќе добиваат здравствена услога во современи здравствени објекти, рече Филипче.

Вториот проект е насочен кон инвестиции во училишната инфраструктура, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и кон реформата за следење и оценување на националниот прогрес во учењето, која има за цел развивање на програма за државно тестирање. Дел од проектот е и подобрување на работата на Државниот испитен центар.

Проектот има четири компоненти и предвидено е да трае пет години.

– Овој среднорочен проект има за цел да ги опфати сите аспекти за да се подобри основното образование. Силно сум убедена дека проектот ќе успее да ги постигне очекуваните ефекти затоа што не само што има поддршка од Светска банка и заложба од Владата на Република Северна Македонија, туку целото општество и сплотено и обединето да имаме подобро образование. Тоа е така затоа што конечно станува се појасен фактот дека оваа држава нема друга алтернатива освен да вложува во знаењето на своите граѓани, порача Царовска.

Четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка е насочена кон креирање конкурентна економија и инклузивен и одржлив раст на земјата. Во изминатите три децении, Светска банка има финансирано проекти во вкупна вредност од над 2,5 милијарди долари.

Би можело да ве интересира

Бесими: Нема замрзнување на платите, работиме на системско и одржливо решение за раст на платите во јавниот сектор

Горан Наумовски

Бесими: Целосна интеграција во ЕУ значи реформи, решавање предизвици и долгорочна стабилност во регионот

Горан Наумовски

Бесими: Нема експропријација на дивоградби, законски измени заради забрзана динамика и пониски трошоци за реализација на проектите

Ана Ололовска

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Ана Ололовска

ССМ најави кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими

Ана Ололовска

Најава за генерален штрајк од Синдикат на вработените во Министерството за финансии

Ана Ололовска