Подобра локална инфраструктура, квалификувана работна сила и поголем квалитет на услугите, се предизвиците со кои се соочува македонскиот туризам, рече денеска министерот за економија Дритон Кучи.
Во обраќањето пред промоцијата на сертицифираните СХЛ обучувачи, Кучи напомена дека токму доедуцирањето е можност повеќе за максимално искористување на туристичките потенцијали со кои располагаме.
– Неопходна е подобра инфраструктура, пристап и патишта до хотелите, сместувачките капацитети, посебно во местата кои имаат туристички потенцијал, истакна министерот кој очекува, како што рече, успешна сезона годинава.
Според заменик-шефот на мисијата во Швајцарската амбасада Стефан Томаџан, за реализирање економски бенефит од туризмот, потребни се квалификувани кадри.
– Во оваа една година посетив многу места и запознав многу луѓе. Можам да кажам дека вашата земја е преубава, има култура и традиција, прекрасна природа. За да го трансформирате ова во економски бенефит и да креирате нови работни места, неопходни ви се обучени, квалификувани луѓе и тука Швајцарија може да помогне, нагласи Томаџан.
На промоцијата 16 македонски обучувачи добија сертификати од Академијата за хотелски менаџмент во Луцерн. Сертификатите се од областите: техники за продажба и дистрибуција, комуникација со клиенти и управување со приходи.
Академијата е рангирана меѓу првите 100 образовни институции за угостителство во светот. Професорката на Академијата Сузан Освалд ги охрабри угостителско-туристичките работници од земјава да инвестираат во своето знаење зашто тоа е, рече, гаранција за успех и резултат.
Покрај завршените три типа обуки, за следниот период се најавуваат дополнителни, за храна и пијалоци.