Уште една свињарска фарма во Македонија ги засилува биосигурносните мерки за заштита од болести.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов денеска со тим експерти ја посети фармата „Агро софт“ во Велес и на сопствениците директно им укажа кои активности треба да се преземат за целосно имплементирање на заштитата.
– Од вкупно 90 комерцијални фарми на свињи во Македонија, ова е 78 кај која е извршена категоризација по ризик. Паралено се преземаат мерки за едукација на сточарите за заштита од болеста „африканска свинска чума“ која е веќе присутна во Бугарија, изјави директорот Атанасов.
Според него, болеста која досега беше типична само за африканскиот континент веќе се шири и во Европа поради што е неопходно земјава превентивно да биде подготвена за да не дозволи контаминација кај домашните фарми на свињи.
Во рамки на посетата на „Агро софт“, на сопствениците им беше презентиран и најновниот Прирачник што го изготви АХВ за подобрување на биосигурносите мерки на свињарските фарми. Прирачникот ќе биде дистрибуиран до секој сточар-одгледувач на свињи.