Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден разгледува опција да испорача до 180 милиони барели нафта од Стратешките нафтени резерви (СПР) во текот на неколку месеци, како дел од активностите што имаат за цел намалување на цените на горивата.
Тоа би било трет пат во последните шест месеци САД да ги користат своите стратешки резерви, но и најголемото испуштање нафта во речиси 50-годишната историја на СПР.
Досегашните испораки нафта не успеаја да ги намалат цените бидејќи светската побарувачка речиси го достигна нивото пред пандемијата, а условите глобално се заострени кога станува збор за понудувачката. Цената на нафтата почна да расте кон крајот на февруари со нападот на Русија врз Украина, на што САД и западните сојузници одговорија со санкции против Русија, вториот најголем извозник на сирова нафта во светот.
Цената на референтната нафта брент на почетокот на овој месец скокна на околу 139 долари за барел, што е најмногу од 2008 година, а во четвртокот на азиското тргување беше блиску до 110 долари за барел.
Претседателот Џо Бајден денеска ќе ги претстави плановите на неговата администрација, соопшти Белата куќа, но не се коментира планот за ослободување нафта.
Според податоците на американското Министерство за енергетика, Стратешките нафтени резерви во моментов располагаат со 568,3 милиони барели нафта, што е најниско ниво од мај 2002 година.
По најавите за отпуштање нафта од стратешките резерви на САД, цената на нафтата нагло падна на азиските пазари. Така барелот на лондонскиот пазар падна за 3,9 отсто на 109 долари, а во САД нафтата поевтини за 4,6 отсто на 102,85 долари за барел.
Извор: МИА