САД ќе излезат од должничката бездна со една единствена паричка

Од:

Во очекување на новиот судир меѓу демократите и републиканците во Конгресот на САД, овојпат околу границата на долгот која законски е поставена на 16,4 трилиони долари, една полу-сериозна идеја почна да се шири меѓу американските економисти, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Предлогот е Секретаријатот за финансии да искова една паричка, со номинална вредност од трилион долари и на тој начин да го обезбеди исплаќањето на долговите на САД за целата 2013 година.

Предлогот започна од професорот од универзитетот Принстон Пол Кругман, добитник на Нобеловата награда за економија во 2008 година и омилен економист на американската левица.

– Секретаријатот има право да кова платинести монети со кој било износ. Секако, ова е замислено за издавање на комеморативни серии на монети и слично, а не како фискална мерка. Но, законот, барем јас како што го толкувам, му дозволува на Секретаријатот да направи каква сака паричка, да речеме од трилион долари, и потоа да ја депонира во Федералните резерви со што се избегнува потребата да се издадат нови обврзници, напиша Кругман, во неговиот влијателен блог кој се објавува на интернет страницата на весникот „Њујорк тајмс“.

Кругман потсетува дека во САД правото да печати пари има само системот на Федералните резерви (ФЕД), односно системот на централните банки на САД. Овие пари можат да се стават во оптек преку купување на обврзници на сојузната Влада. Проблемот е во тоа што САД законски не можат да ја зголемат својата задолженост над нивото од 16,4 трилиони долари, кое го достигнаа околу Новата година.

Опозициските републиканци, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот на САД и кои штотуку претрпеа тежок пораз од претседателот Барак Обама во спорот околу даночните стапки, одбиваат да прифатат уште еден закон со кој би се зголемил горниот праг на задолжување над 16,4 трилиони долари. Поради тоа, САД не можат да излезат од актуелниот должнички проблем со печатење пари преку системот ФЕД. Оттаму, идејата за мала монета од платина со вредност од трилион долари, за кој и Кругман признава дека не е многу сериозен, се шири како пожар.

Демократскиот конгресмен од Њујорк Џеролд Надлер изјави дека сериозно му го препорачува ова решение на Обама.

Новинарот Бред Пламер од „Вашингтон пост“ предлага место една да се исковаат две трилионски парички.

– Ако републиканците почнат да поставуваат услови за кревање на горниот праг на задолженоста, Обама треба едноставно да каже дека ќе издава платинести монети. Но, притоа да вети дека штом ќе добие можност за поголемо задолжување ќе издаде обврзници со кои ќе се повлече оваа ново-издадена валута. И потоа да понуди да се откаже од правото за издавање на овие монети, во заемна за укинување на законското ограничување на задолжувањето, смета Џош Баро од економската агенција Блумберг.

Доколку конгресмените не успеат да постигнат сериозен договор за долгот, најдоцна до февруари, тоа ќе доведе до автоматско кратење на трошоците на армијата и на дел од социјалните програми.

Би можело да ве интересира

Русија: Нема да се спасите, нуклеарна војна не смее да се случи бидејќи нема да има победници

Горан Наумовски

Паника во Америка: Изборните службеници добиле сомнителни пакети, случајот го истражува ФБИ

Хутите соборија уште еден американски дрон MQ-9 Reaper, десетти од почетокот на војната во Газа

ВИДЕО: Го натераа Џо Бајден да стави капа „Трамп 2024“

САД поддржуваат две постојани места за африканските земји во Советот за безбедност на ОН

Ураганот Френсис ја погоди Луизијана, без струјата се повеќе од 200.000 потрошувачи