САД ќе го достигнат плафонот на државниот долг кон средината на октомври, изјави американскиот министер за финансии Џејкоб Лу пред Конгресот и ги повика пратениците да постигнат спогодба за буџетот до истекувањето на тој рок.
– Владата ги искористи речиси сите опции за финансиски маневри, со кои се обидува да остане под лимитот на државниот долг од 16,7 билиони долари, нагласи министерот во писмото до претседателот на Претставничкиот дом, Џон Бејнер.
Лу врши притисок врз конгресмените да го зголемат плафонот на државниот долг, со цел Министерството за финансии да може да продолжи да ги покрива трошоците на Владата.
– Министерството за финансии не може да предвиди кога точно ќе биде достигнат лимитот, додаде тој.