Романските сенатори усвоија нацрт закон со кој се бара од Романската национална банка да ги врати целокупните златни резерви, што се чуваат во Банка на Англија, во земјата.
Според некои проценки, дури 65 проценти од романските резерви на злато се чуваат во странство.
Барањето за враќање на златните резерви на Романската централна банка е со образложение дека не треба повеќе да се плаќа надомест за чување на златото во странство бидејќи Романија веќе има статус на функционална економија.
За законот да биде усвоен потребно е да го одобри Европската централна банка, додека противниците истакнуваат дека враќањето на златото во Романија ќе ја загрози способноста на Владата да се задолжува на меѓународните пазари, посебно во случај на нова рецесија. Тие исто така напоменуваат дека враќањето на златото би бил многу скап процес.