Рекорден јаз од 60,4 милиони евра помеѓу трошоците и приходите во буџетот, оствари Владата во февруари годинава. Според трезорскиот извештај на Министерството за финансии, во државната каса во февруари биле собрани 134,6 милиони евра, а се потрошиле 195,1 милион евра.
Во јануари биле собрани 173,1 милион евра, а се потрошиле 219,9 милиони или 46,7 милиони евра повеќе. Разликата во декември лани била 51,3 милиони евра, односно биле собрани 222,3 милиони, а потрошени 273,5 милиони.
Овие буџетски дефицити регистрирани во последните неколку месеци се најголеми во последните десетина години, а податокот за февруари – рекорд. Сличен тренд на голем јаз меѓу приходите и расходите се забележува уште само пред вонредните параламентани избори во 2011 година, кога за двата месеца пред изборите, мај и јуни, биле потрошени вкупно 53,6 милиони евра.
Министерот за финансии неодамна изјави дека буџетот е во одлична кондиција, а податоците покажуваат дека освен рекордниот јаз, буџетските приходи во февруари за на најниско ниво во последните неколку години. Тоа значи дека сите трошоци над приходите за покриваат со задолжување. При најниско ниво на приходите, Владата минатиот месец исплати земјоделски субвенции за 2012 година, што е најрано до сега и се поврзува со предизборието. Вообичаено, земјоделските субвенции се исплаќаат во јуни наредната буџетска година кога е крајниот законски рок, а лани се исплатија со мало задоцнување, во јули.