Регистрирана рекордна потрошувачка на електрична енергија

Од:

Во Македонија вчера е регистрирана рекордна потрошувачка на електрична енергија во декември. Според информациите од ЕВН – Македонија потрошени се 23,97 милиони киловат часови електрична енергија. Рекордна потрошувачка е регистрирана и во Скопје со 9,9 милиони киловат часови електрична енергија, што е за 9 проценти повеќе во однос на овој датум минатата година при температура од 10 степени, наместо вчерашната од нула.

Потрошувачката на електрична енергија месецов е зголемена за 25 проценти, како резултат на температурните разлики, а во однос на лани речиси е изедначена и има само два проценти повеќе во однос на истиот ден минатата година.

Од ЕВН – Македонија посочуваат дека во моментов нема поголеми прекини во снабдувањето. Прекините се подолги само во тешко пристапните места или во високите планински региони. Во градовите или во нисконапонската мрежа нема поголеми прекини, тоа се спорадични прекини во одредени населби каде најчесто страдаат осигурувачите и од невремето се оштетени каблите. Во вакви случаи екипите се постојано на терен и брзо ги отстрануваат дефектите. Секаде каде што местото е пристапно ќе стигнеме и во најголемиот дел уште денеска до крајот на денот ќе биде обезбедено снабдувањето со електрична енергија.

– Во најнепристапните планински места два дена екипите работат на лоцирање на дефектот на далноводите Косел – Песочани и Мешеиште – Песочани. Дефектот е лоциран, снегот натежнал на каблите кои потоа од ветрот и невремето допреле и сега цела таа траса е обвиткана во лед. Се санира дефектот и далноводот брзо ќе биде пуштен под напон. Интензивно во екстремно лоши услови се работи и на отстранување на дефекти во планиските села Лазарополе, Могорче, Гари, Присојница, Требиште, Јабланица и според информациите од терен ќе бидат отстранети до крајот на денот. Во лоши услови се работи на обезбедување на напонска состојба во кичевскиот регион во селата Јагол, Поповјани, Бериково, Папрадишта, Другово, Јаорец, Добреноец, Белица, Брждани, Цер, Велмевци, Царско, како и во гостиварските Тумчевиште, Форино, Чегране и околните села. Во скопскиот регион се работи на прекините во населбите Ѓорче Петров, Шишево, Горна и Долна Маткам, информира портпаролот на ЕВН Македонија, Атанас Ковачевски.

Тој додаде дека синоќа во 23 и 45 минути при интервенција во трафостаница Ѓорче Петров двајца вработени во ЕВН Македонија од тимот за брзи интервенции беа лесно повредени во екслозија на прекинувач. Работната облека ги заштитила од поголеми повреди па така минаа со полесни опекотини.  – Природата на нашата работа е таква и нашите вработени кои во екстремно лоши временски прилики работат  постојано на отворено се подлежни и на вакви опасности. За среќа, во случајов минаа со полесни опекотини, истакна Ковачевски.

Тимовите на ЕВН, како што рече, беа на терен и работеа на отстранување на прекини во мрежата, на екстремно ниски температури, за да може корисниците да имаат нормално снабдување. Од компанијата бараат разбирање од корисниците при вакви услови за работа. – Подготвени сме и секаде каде теренот и времските услови ни овозможуваат ќе бидеме присутни да интервенираме. Пристапот до одредени критични места е отежнат останатото лесно го решаваме, истакна Ковачевски.

Би можело да ве интересира

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски

ДУИ: Владата на нетранспарентен начин ја зголемила цената на струјата за компаниите