Прилепската пиварница денеска со соопштение реагираше на одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата со која Пиварницата ја казнува со 2,8 милиона евра за, како што се вели во одлуката, дејствување врз мрежата на дистрибутери со временски неограничени обврски за неконкурирање и одредби за непромена на цените. Од Прилепската пиварница соопштуваат дека изразуваат незадоволство и несогласување со одлуката на комисијата зашто Пиварницата ја почитува конкуренцијата и ги следи законските обврски.
– Изразуваме незадоволство и несогласување со одлуката на Комисијата за заштита на конкуренција дека некои одредби од договорите со нашите дистрибутери ги нарушуваат начелата на коректен и рамноправен однос кон пазарот и конкуренцијата. Наспроти наводите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Прилепска пиварница има развиено беспрекорно позитивен и заемно корисен однос со своите овластени дистрибутери и притоа се испочитувани сите пазарни легислативи и обврски. Во ниту еден момент од нашата долгогодишна соработка, и ниту во еден аспект од нашата работа не е ограничена конкуренција, ниту пак е нарушен балансот на пазарната економија, стои во соопштението од Прилепската пиварница.
Пиварницата, се објаснува, со дистрибутерите се рамноправни партнери со кои постигнува значајни резултати на домашниот и на странските пазари, а ваквите наводи на Комисијата се смета дека директно штетат на работата на Пиварницата.
– Ваквите наводи и одлуки од Комисијата за заштита на конкуренција, директно штетат на нашата работа, на нашето заедничко настапување на пазарот и на имиџот како на Прилепска пиварница, така и на нашите овластени дистрибутери, стои во соопштението на Прилепската пиварница како реакција на одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата да биде казнета со 2, 8 милиона евра.