Реакција на Пивара Скопје АД за одлуката на КЗК

Од:

Пивара Скопје АД во соопштение до медиумите наведува дека категорично се противи на одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) со која им изрече глоба од 5,8 милиони евра, односно 357.992.515,00 денари зашто ги ограничувале дистрибутерите во одредувањето на продажната цена и ја изразува својата разочараност од неа.

– Пивара Скопје АД денеска беше информирана дека Комисијата за заштита на конкуренцијата донела одлука дека некои одредби во одредени договори на компанијата се во колизија со Законот за заштита на конкуренцијата. Во изминатиот период Пивара Скопје целосно соработуваше во процесот на утврдување на евентуалниот прекршок и со тоа го потврди својот позитивен однос и волја да се расчистат сите отворени прашања. Разочарани сме што Комисијата ја донела својата одлука без притоа да ги земе предвид аргументите на Пивара Скопје АД. Дополнително сме разочарани што Комисијата за заштита на конкуренцијата има изречено неразумно висока казна за Пивара Скопје, која не е во согласност со претходната казнена политика на Комисијата и воедно не кореспондира со одамна воспоставените практики на други тела надлежни за конкуренцијата во Европа и пошироко, се вели во реакцијата од Пивара Скопје.

Пивара Скопје АД, се додава во реакцијата, длабоко ги почитува правилата на конкуренцијата и е убедена дека денешната одлука ќе биде понишена од страна на судот, каде што компанијата ќе го изнесе случајот.

– Пивара Скопје АД е присутна на македонскиот пазар повеќе од 93 години и во текот на целиот овој период секогаш постапувала во согласност со законите на Република Македонија, се потенцира во реакцијата од Пивара Скопје АД на одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

КЗК денеска соопшти дека Пивара Скопје АД, од 17 декември 2012 година склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувала по која цена да ги продава производите на крајните купувачи.

– Ова значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава производите на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата. Ваквите одредби кои се однесуваат на одржување препродажни цени претставуваат ограничувања кои не смеат да бидат содржани во вертикалните договори (договори меѓу производителот и дистрибутерот) и имаат за цел нарушување на конкуренцијата согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Уредбата за групно изземање на одредени видови вертикални договори, стои во соопштението на КЗК.

Би можело да ве интересира

100 години ПивараСкопје – 100 години традиција, развој и партнерство со заедницата

Ана Ололовска

„Парти Сервис“ и покрај труењето во „Пивара“ ќе добие 2,1 милион денари за иновација – помалку сол во храната

Маја Илиевска-Пачемска

Пивара Скопје: Неколкумина вработени со стомачни тегоби, се утврдуваат можните причинители

Ана Ололовска

Владимир Косијер – нов генерален директор на Пивара Скопје

Ана Ололовска

Повеќе од 44 милиони евра за домашната економија и 21 милион евра во буџетот годишно од Пивара Скопје

Ана Ололовска

Реакција: Прилепската пиварница ја почитува конкуренцијата и ги следи законските одредби

Ана Ололовска