Професорот Начевски: Со најсовремени технологии за заштита, проектот Иловица може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина

Од:

„Минералните суровини не се само економско прашање, туку и прашање на национална безбедност, енергетска стабилност и технолошки развој“, вели универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски во интервју за „а1он“.

Според него, Македонија сè уште не е активен играч во глобалната трка за критични минерали, но поседува значајни геолошки потенцијали кои можат да ја позиционираат како регионално важен снабдувач на одредени метални суровини и, како што додава, за жал кај нас сè уште металургијата и рударството не се третираат како стратешки сектори во функција на економскиот развој, енергетската транзиција и интеграцијата во европските синџири на снабдување.

„Инвестициите во рударството кај нас се на ниско ниво и уделот на оваа гранка во индустриското производство опаѓа. Секоја инвестиција во рударството мора да биде предмет на критичка анализа и јавна дебата, бидејќи станува збор за дејност која има влијание врз животната средина и локалните заедници, само доколку не се применуваат современи стандарди и еколошко прифатливи технологии на преработка. Но, исто така е важно дебатата да се темели на научни факти, стручни анализи и реални процени на ризиците. Денес рударството во Европската Унија и во земјите кои ги усогласуваат своите прописи со европските стандарди функционира под значително построги еколошки барања отколку во минатото. Законодавството во Македонија предвидува процедури за оцена на влијанието врз животната средина, мониторинг, ревизии, инспекциски надзор и обврски за рекултивација по завршувањето на експлоатацијата“, оценува Начевски.

Одговарајќи на прашање, Начевски вели дека проектот Иловица претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении.

„Неговото значење се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини. Од друга страна, разбирливо е што дел од јавноста изразува загриженост за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси. Тие стравувања не треба да се игнорираат, но треба да се разгледуваат врз основа на стручни студии, техничка документација и независни експертски анализи. Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина“, додава Начевски.

Во однос на статус-кво состојбата во рударството, Начевски смета дека Македонија губи повеќе отколку што добива – губиме потенцијални инвестиции, нови работни места и можност да се позиционираме како регионален снабдувач на критични минерали и во исто време, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува нашата економска и стратешка тежина.

„Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи. Најдобрите решенија се носат кога одлуките се темелат на наука, факти и професионална експертиза. Само со стручна и транспарентна дебата може да се донесат одлуки што ќе бидат и економски рационални и еколошки одговорни“, заклучува Начевски.

Според него, ако институциите обезбедат целосна примена на законите и контрола врз компаниите, рударството може да се развива по европски стандарди и да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина.

Би можело да ве интересира

Државата воведува ред и двојно профитира од рудниците – колкав буџетски прилив ќе има од инвестициите како „Иловица“?

Инвестициите како „Иловица-Штука“ ќе се охрабрат – новата Фискална стратегија предвидува инвестициски бум

Рудното богатство како економски адут: „Иловица-Штука“ со потенцијал за стотици милиони евра годишно

ЕУ ја забрзува трката по минерали – нов повик за рудници, Македонија ќе се усогласува

Предраг Петровиќ

Протест во Струмица против отворање на рудник во Иловица и Штука, „Еуромакс ресоурцес“ тврди: Нашата безрезервна подготвеност да се формира „Независно Мониторинг Тело“

Горан Наумовски

Струмичани гневни на Владата: Протести поради одлуката да се спојат двете концесии за рудник за бакар и злато во Босилово и во Ново Село

A1on