Продолжува расправата по Ребалансот на Буџетот за 2017-та

Од:

Расправата по Ребалансот на Буџетот за 2017 година продолжува денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вчера образложи дека основна цел на предложениот ребаланс е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

Вкупните приходи во првите шест месеци се 86,4 милијарди денари што е 46 отсто во однос на планираното, а расходите се 94,6 милијарди денари.

Министерот истакна дека на расходната страна сериозно намалување има кај расходите за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција.

– Направени се кратења за службени патувања, репрезентација, економски презентации и рекламирање, рече Тевдовски.

За капиталните расходи истакна дека тие во првата половина сериозно потфрлиле и оти се реализирани 8,7 милијарди денари или 32 проценти од годишно планираното со буџетот.

Со ребалансот, како што рече, се планирани 23,4 милијарди денари за капитални расходи и поради ниската реализација во првата половина од годината извршено е намалување кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација. Но, сепак, смета, планираното на капитални расходи е значајно ако се спореди со реализацијата во последните четири години каде што никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Тој во однос на преземените, а неплатени обврски од претходната власт информира дека до крајот на неделата Министерството за финансии ќе ги објави и оти во моментов се договара проект со Светска банка за „чистење“ на ваквите обврски.

Растот на економијата со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

За предложниот ребаланс мнозинството во расправата даде поддршка, а пратениците од опозицијата сметаат дека тој не е реформски и оти се кратат средства од капитални инвестиции за сметка на партиски вработувања.

Расправата по ребалансот во Комисијата според Деловникот трае 10 работни дена.

Би можело да ве интересира

Буџет од 300 долари добива македонскиот амбасадор во САД, вели Мицкоски

МФ: Буџетот за 2024 година реализиран согласно планираното, 2025 започнува ликвидно и стабилно

Советниците го изгласа Буџетот на Град Скопје за 2025 година

Изгласан Законот за извршување на Буџетот за 2025

Катерина Ѓуровски

Димитриеска Кочоска: Буџетот за 2025 година обезбедува непречено функционирање на институциите и државата

Битиќи: Предлог-буџетот за 2025 година не одговара на реалноста го премолучува реалниот дефицит

Горан Наумовски