Пристигнаа првите холандски туристи во Охрид

Од:

Со чартер-лет од Амстердам утрово на охридскиот аеродром пристигна првата тура од 180 туристи од Холандија со што официјално почна годинашната летна туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера.

Станува збор за туристи од земјите на Бенелукс кои организирано пристигаа во Охрид преку холандскиот тур-оператор „Корендон“.

– Утрово го дочекавме првиот авион со туристи од Холандија, кој беше полн што значи добар почеток на сезоната. Предвидено е оваа сезона да реализираме 183 лета со околу 30 илјади патници. Од јуни ќе стартуваат и летовите од Полска, така што очекуваме добра сезона. Работиме напорно на промоција на Охрид и Македонија, така што очекуваме со заеднички напори бројот на патници на охридскиот ародром да достигне 200 илјади, изјави Алпер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Асим Меџедовиќ од „Фибула Травел“, која е македонскиот партнер на „Корендон“, истакна дека интересот за летување во Македонија и бројот на букирани аранжмани во Холандија е зголемен и оти се очекуваат дваесет проценти повеќе туристи преку „Корендон“ во Охрид.

– Се надеваме дека таквиот тренд на зголемен интерес ќе продолжи и понатаму. Значаен е и придонесот на ХОТАМ, угостителите и хотелиерите во унапредувањето на понудата во насока на привлекување тур-оператори од други земји што ќе ја стават Македонија во своите понуди, рече Меџедовиќ.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески изрази благодарност до „Корендон“, останатите тур-оператори и до сите државни и локални институции, за својот придонес преку спроведени активности кон привлекување што поголем број туристи во Охрид и Македонија.

– Сите релевентни податоци укажуваат дека бројот на гости што ќе слетуваат на охридскиот аеродром од Холандија, Белгија, Англија, Швајцарија, Полска и Израел оваа година ќе биде значително поголем во споредба со лани, истакна Бакрачески.

За првите туристи од Холандија, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ беше организиран свечен дочек со погача, сол, слатки и пијалоци.

Холандските туристи кои беа изненадени од пречекот, главно изјавија дека не знаат многу за Охрид, освен дека има прекрасно езеро, но сметаат дека токму таа непознаница ќе биде магнет за останатите да дојдат и да ја запознаат Македонија. Според нив, мошне важна ставка при нивното одлучување да дојдат во Македонија била и поволната цена на аранжманите.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ