Приходите во буџетот во август изнесуваат 14,2 милијарди денари што е помалку за 13,9 отсто во однос на лани. Кумулативно од почетокот на годината приходите изнесуваат 119,6 милијарди денари и се на пониско ниво за 8,2 отсто во однос на лани, што е пак благо подобрување во однос на првото полугодие кога приходите кумулативно приходите беа пониски за девет отсто во однос на лани, соопштуваат од Министерството за финансии.
Во август даночните приходи се пониски за 17,1 отсто во однос на лани, додека кај придонесите се забележува пад од 2,7 отсто. Кај даночните приходи има потфрлање на месечно ниво кај ДДВ од 14,3 отсто, акцизи од 25 отсто, данокот на добивка од 28,9 отсто и на персоналниот данок на доход од 10,4 отсто, додека кај увозните давачки се забележува раст од 7,9 отсто.
Расходите во август изнесуваат 17 милијарди денари и се за 5,8 отсто повисоки во однос на лани.
Кумулативно, буџетските приходи заклучно август имаат пад од 8,2 отсто што се должи на пад на даночните приходи од 12,1 отсто. Кумулативно од почетокот на годината се забележува раст на придонесите од 7,1 отсто. Од почетокот на годината заклучно со август, има послаба наплата кај скоро сите даноци освен увозните давачки каде растот изнесува седум отсто.
Кај данокот на додадена вредност, се забележува кумулативен пад од 13,6 отсто.
Вкупните расходи заклучно со август изнесуваат 154,5 милијарди денари и се за 11 отсто повисоки во однос на лани, при што тековните расходи се повисоки за 11,2 осто, додека капиталните за 5,9 отсто. Заклучно со август реализиран е 17,4 милијарди денари дефицит или 75,7 отсто од проектираниот со ребалансот на буџетот.
Министерството за финансии, како што наведува во соопштението, во духот на транспаретно известување за состојбите во буџетот продолжува однапред, на почетокот на месецот или 25 дена пред Календарот за објава, да ги објавува податоците за извршување на буџетот на месечно ниво.