Според најавите на странските тур-оператори, конкретно според најавите на „ТУИ-Холандија“ заклучно со минатиот месец има зголемување од 32 проценти на вкупните букинзи за лето 2017. „ТУИ-Холандија“ оваа година ќе воведе уште еден чартер лет до Охрид, така што ќе имаме пет лета неделно.
Ова го нагласи директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот на Република Македонија Лела Крстевска на Скопски саем.
Крстевска истакна дека исплатата на субвенциите за поддршка на трузмот е почната и е во процес, а наредните денови треба да се извршат плаќањата.
Прашана што сакаат најмногу да видат странците во Македонија, Крстевска рече дека тоа зависи од целните групи.
– Странците сакаат да го видат она што претежно не можат да го видат во своите земји. Посетата по музеите во Скопје е евидентна од страна на арапските тиристи. Руските туристи кои доаѓаат, а очекуваме годинава се повеќе да пристигнуваат, сакаат да ги видат обележјата од христијанството, односно споменици на културата и културно наследство од тој период. Младите најмногу се заинтересирани за авантуристичкиот туризам, рече Крстевска.
Појасни дека мал дел од туристите се субвенционирани, односно странски туристи и оние кои ги исполнуваат условите се субвенционирани.
За претстојниот Македонски туристички самит 2017 што ќе се одржи од 18 до 20 јуни во Скопје, рече дека очекуваат Македонија да ја стави на мапата на светските туристички играчи.
– Првиот ден од самиот е за интернационално менаџирање на кризи во туризмот. Важно е што не ги таргетира само немилите настани, туку ги таргетира и кризните ситуации кои можат да настанат во компанија и на глобално ниво и како да се превенираат штетите од тие настани. Во вториот дел од самитот се работи за спојување на Европа и Азија, рече Крстевска. Организатор на вториот ден од самитот е Asia Pacific Tourism Association (АPTA), организација која првпат ќе направи европска конференција во Скопје.
На самиотот ќе учествуваат претставници на туристички организации од регионот, а се очекуваат и приватни стопанственици. Крстевска информира дека организаторите се потрудиле учесниците да ги ослободат од плаќање котизација за присуство.