Во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка денеска се одржува прекуграничен регионален форум на тема „Природен потенцијал и одржлив туризам на Осогово“.
Целта е да се разменат мислења за изработената студија за туризам на Осогово и да се дефинираат повеќе насоки за развој на туризмот со посебен акцент на велосипедскиот туризам.
Деспина Китанова, проект-координатор на Македонското еколошко друштво (МЕД), истакна дека во соработка со велосипедските друштва од регионот одредени се три патеки на Осоговските планини кои ќе може да се користат за развој на ваков тип на туризам.
– Нашата идеја е да ги промовираме природните вредности на Осоговските планини кои се исклучителни во овој дел од Источна Македонија, сето она што го има Осогово како ретки и ендемични видови, како и видово разнообразие кое е регистрирано во текот на нашите истражувања. Самиот предел во овој крај е специфичен и привлечен за туристите и сакаме да го ставиме во функција на промоција и развој на туризмот, изјави Китанова.
Во туристичката понуда, покрај велосипедските патеки, како што посочи Китанова, би се вброиле и манастирскиот туризам со манастирите Св.Јоаким Осоговски кај Крива Паланка и Лесновскиот манастир кај Пробиштип.
Новиот градоначалник Борјанчо Мицевски, кој присуствуваше на форумот, ја поздрави идејата на организаторите на проектот за анализа на потенцијалите на Осогово за развој на одржливиот туризам и туристичката понуда.
Форумот е во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД), а е дел од проектот „Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговските Планини“ којшто се имплементира од 2016 година. Македонско еколошко друштво го спроведува проектот заедно со партнерската организација Биолошка фондација за биоразнообразие (ББФ) од Бугарија во координација со германската фондација Еуронатур. Финансиски е поддржан од Германската федерална фондација за животна средина (ДБУ), Франкфуртското зоолошко друштво (ФЗС) и со учество на партнер-здруженијата.