Потпишан првиот проект во рамките на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан

Од:

Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ и ЕУ го потпишаа првиот од серијата проекти, за декарбонизација, насочени кон решавање на клучните развојни прашања идентификувани во рамките на Економскиот и инвестицискиот план (ЕИП) за Западен Балкан (ЗБ) за периодот 2021-2027 година, што е финансирано од ЕУ и кој ќе се спроведува преку Инвестициската рамка за ЗБ (WBIF), јави дописникот на МИА од Белград.

Првиот проект во рамките на ова партнерство има за цел да помогне во унапредувањето на декарбонизацијата и ефикасноста на ресурсите на индустриските паркови низ целиот регион. По прелиминарната дијагностика, ќе следи насочена имплементација на пилот проекти во индустриските паркови во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија.

Овие проекти ќе се фокусираат на енергетската транзиција, климатските промени и посилен приватен сектор, соопшти ИФЦ, која е членка на Групацијата на Светска банка. Целта е да се поттикне регионалната економска интеграција, да се поддржи зелената, енергетската и дигиталната транзиција, како и неопходните реформи за напредок на патот кон пристапувањето во ЕУ.

ИФЦ, заедно со Светската банка, е најновата меѓународна финансиска институција која се приклучи на WBIF, преку создавање партнерство од клучно значење за поддршка на активностите на приватниот сектор во регионот, решавање на итните развојни прашања, создавање работни места и обезбедување долгорочна одржливост.

Заменик генералниот директор во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија и претседателка на WBIF, Катарина Матхернова, го поздрави потпишувањето на првиот договор за соработка со ИФЦ преку WBIF.

– Денешното потпишување е важно достигнување. Тоа формално го консолидира партнерството на Европската комисија и ИФЦ на Западен Балкан преку WBIF и создава можности за јавни и приватни инвестиции со цел да се олесни енергетската транзиција на деловните паркови кои се големи загадувачи, рече Матхернова.

Другите проекти што се во план имаат за цел да мобилизираат загарантирани финансиски инструменти за кредитоспособни клиенти од агробизнисот, кои ќе ја овозможат многу потребната модернизација на секторот, дигитална трансформација и ќе помогнат да се подобри капацитетот на финансиските посредници во однос на климата, што ќе им овозможи подобар пристап на микро, малите и средни претпријатија.

– Горди сме на силното партнерство со ЕУ на Западен Балкан. Тоа е регион каде што гледаме огромен потенцијал за забрзување на економскиот раст и подобрување на животот на луѓето преку охрабрување на ангажманот на приватниот сектор, изјави Алфонсо Гарсија Мора, потпретседател на ИФЦ за Европа, Латинска Америка и Карибите.

WBIF обезбедува комбинирано финансирање за подготовка и спроведување на приоритетни инфраструктурни проекти, вклучувајќи ресурси од Инструментот за претпристапна помош на Европската комисија (ИПА) и 20 билатерални донатори, заеми од меѓународните финансиски институции и домашно финансирање.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Усвоена заедничка изјава на лидерите на Западен Балкан на Конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција на Западен Балкан”

Џафери на Конференцијата во Тирана: Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

О’Брајaн: Граѓаните ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго

Ковачевски: Планот за раст најсериозната политичка потврда од ЕУ за нејзините намери за интеграција на Западен Балкан

О’Брајaн: Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ, ајде да ја завршиме практичната работа