Трошоците на живот во март годинава во однос на претходниот месец бележат пораст од 0,1 отсто, а во однос на март минатата година од 3,1 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало во март годинава во споредба со претходниот месец бележат намалување од 0,1 отсто, а во однос на март лани пораст од еден отсто.
Порастот на трошоците на животот од 0,1 отсто во март 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на зеленчукот за 3,9 отсто, овошјето за 2,5 отсто, преработките од овошје и рибата за 0,7 отсто, преработките од зеленчук и безалкохолните пијалаци за 0,2 отсто.
Во март, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај лековите за 3,7 отсто, авионскиот превоз на патници за 2,8 отсто, нафтените деривати за 1,9 отсто, храната и пијалаците во рестораните и хотелите за 0,4 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во март 2013 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај мастите за 2,7 отсто, јајцата за 1,3 отсто, преработките од месо и другите прехранбени производи за 0,4 отсто и сушеното овошје за 0,2 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење за домаќинствата за 13,8 отсто, сообраќајните средства за 1,5 отсто, обувките за 0,8 отсто, облеката за 0,6 проценти, течните горива и гасот за домаќинствата за 0,5 отсто и средствата за хигиена за 0,3 отсто.